Светските влади не успеале да ги заштитат цивилите од насилство, од држави и од вооружени групи, кажа Амнести Интернешенал во среда, нарекувајќи ја глобалната реакција „срамна и неефикасна“.
Во годишниот извештај групата за следење на човекови права 2014 ја нарече „катастрофална“ година за еден милион луѓе во светот.
Извештајот кажа дека милиони цивили претрпеле ужасно насилство и кршење на човековите права од Сирија до Украина, од Газа до Нигерија, додека бројот на раселени луѓе во светот за прв по крајот на Втората светска војна надминал 50 милиони.
Во делот за Македонија, организацијата заклучува дека човековите права права се се` поограничени. Актуелната власт има прекумерно влијание врз правосудството и полицијата, а односите меѓу Македонците и етничките Албанци во земјата се и натаму нестабилни. Во Македонија има се` поголемо ограничување во слободата на изразување, оценува Амнести. Властите во Македонија, стои во извештајот, не успеале да спречат и да ги заштитат Ромите од повеќекратни форми на дискриминација, а Амнести реагира и на непочитувањето на правата на ЛГБТ заедницата.
Во извештајот се критикува одговорот на Европската унија за четирите милиони сириски бегалци раселени заради конфликтот во најголемата бегалска криза во светот. До крајот на 2014, само 150.000 сириски бегалци живееле во држави на ЕУ, вели извештајот, додека 3.400 бегалци и мигранти умреле во Медитеранското море обидувајќи се да стигнат до Европа.
Амнести го критикуваше посебно Советот за безбедност на ОН, велејќи дека „ужасно потфрлил“ во заштитување на цивилите.
Петте постојани членки на Советот за безбедност, Британија, Кина, Франција, Русија и САД, „постојано го злоупотребувале“ нивното право на вето за „промоција на нивниот политички или геополитички интерес пред интересот на заштита на цивили“, вели генералниот секретар на Амнести, Салил Шети.
Извештајот посочи дека заканата со вето на Русија направи да е невозможно Советот за безбедност да преземе каква било акција по настаните кои се одвиваат во Украина.
Амнести сега ги поттикнува петте држави да се откажат од нивното право на вето во случаите на геноцид или други масовни убиства.
Извештајот вели дека вооружени групи направиле кривични дела во најмалку 35 држави од следените 160, во 2014, и подемот на милитантната група Исламска држава го нарече особена загриженост.
Голема количина на оружје била пренесена во Ирак, Израел, Русија, Јужен Судан и Сирија во 2014, и покрај изгледите тоа оружје да биде употребено против цивили, вели извештајот.
Шети кажа дека светските лидери „имаат моќ да го олеснат страдањето на милиони“ со посветување доволно политички и финансиски ресурси.