Линкови за пристапност

Пренуркување на Охридското Езеро


Група нуркачи од Македонија и Албанија реализираат 15 години стара идеја за пренуркување на Охридското Езеро.

Според меѓународниот нуркачки инструктор од Охрид Милутин Секулоски, станува збор за подводни активности во Охридското Езеро што ќе се реализираат на длабочина од пет до 15 метри и во должина 80 километри и 322 метри.

„Целта не ни е само да го пренуркаме Охридското Езеро, туку со таквото пренуркување да фотографираме, снимаме под вода и да позиционираме одредени пронајдени работи под вода за научните инстуции да добијат податоци кои се од нивни интерес. Имајќи предвид дека езерото не е премногу истражувно досега, целта на проектот не ни е да го истражуваме, но во текот на нуркањето, сите податоци што ќе ги добиеме да можеме да ги пласираме“, појаснува Секулоски.

Проектот ќе започне в сабота, на 28-ми февруари, во 11 часот, од Градското пристаниште во Охрид.

„Оттука тргнуваме јас и уште 50-тина нуркачи. Од следниот ден секојдневно ќе има вакви подводни активности, а мене ќе ме следат уште двајца-тројца мои колеги. Етапно ќе ги изведуваме подводните активности од Охрид, преку Струга, се` до Република Албанија, каде ќе не придружи нашиот колега Енрик Мато со нуркачи од неговата земја“, вели Секулоски.

Како што вели Мато, во неговото искуство како нуркач на албанската страна од Охридското Езеро се забележани наколни живеалишта на неколку места.

„Овој проект е голем предизвик за нас. Кај нас има малку искусни нуркачи, но јас долго нуркам и сум забележал дека и кај нас има подводни локалитети. Исто така сум забележал дека има и потонати објекти, а поголем проблем е што има и големо количество муниција во езерото од Втората светска војна. Во 1997 година имаше и фрлање на дополнително количество муниција“, вели албанскиот нуркач Мато.

Предвидено е подводните активности во Охридското Езеро, опфатени со овој проект, да завршат за околу четири месеци, по што е планирано да се направи документарна емисија, како и изложба на подводни фотографии.

XS
SM
MD
LG