Претседателот Барак Обама денеска ќе биде главниот говорник на самитот за справување и превенција на насилниот екстремизам.
Самитот доаѓа во време кога САД и нивните сојузници се соочуваат со проблеми заради брзиот и крвав напредок на екстремистичката организација Исламска држава во Ирак и Сирија, како и неодамнешните терористички напади во Австралија, Канада, Франција и Данска.
Во уреднички коментар објавен во весникот Лос Анџелес тајмс, Обама вели дека групите како ИСИЛ и Ал Каида „ја експлоатираат лутината што се зголемува кога луѓето чувствуваат неправда и кога заради корупција, немаат можност да го подобрат својот живот. Светот треба да и` понуди на денешната младина нешто подобро“.
Сепак, американската влада внимава да не го стави фокусот на овонеделниот самит само на исламистичкиот екстремизам, туку тој да се однесува на сите форми на екстремизам, стратегија што повлече критика од конзервативните републиканци.
На самитот во Белата куќа присуствуваат официјални лица од 60 земји од светот, како и духовни лидери и претставници на полицијата oд САД.