Комесарот за проширување Јоханес Хан денеска во Скопје по средбите со шефот на државата, премиерот и лидерот на опозицијата изјави дека се надева оти ќе се постигне напредок во европските интеграциски процеси на Македонија.
„Тука сме да ја поддржиме земјата. Понекогаш е подобро да се имаат интерни разговори со цел да се постигне напредок“, изјави Хан кој не даде детали за разговорите.
Премиерот Нилола Груевски по работниот ручек во резиденцијата на амбасадорот на ЕУ во Скопје со комесарот Хан рече дека го информирал својот соговорник за сите случувања во Македонија.
„Поразговаравме и за актуелната политичка ситуација, кажавме она што е вистина, односно она што се случува“ , изјави кусо Груевски.
На средбата со претседателот Ѓорге Иванов, како што соопштија од неговиот кабинет, тој рекол дека може да помогнат за излегување од кризата и дека опозицијата треба да се врати во парламентот и таму да се решаваат сите политички прашања.
Хан оствари средба и со претседетелот на СДСМ, Зоран Заев. Од кабинетот на Заев информираа дека Заев најавил оти партијата има законска и морална обврска „вистината за Македонија“ да ја сподели со граѓаните и тоа ќе го стори.
За време на престојот во Македонија, Хан се сретна и со лидерите на ДУИ и ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи.
Пред неговото доаѓање во Скопје, од Брисел информираа дека постои иницијатива за инволвирање на европратениците во посредување за надминување на кризата во Македонија.
„Јас побарав од претставниците на главните политички партии во Европскиот парламент да направам сличен напор каков што имавме успех во Албанија каде што претставниците на Европскиот парламент, Кукан и Флекештајн успеаа да постигнат договор кој доведе до ситуација опозициската партија да се врати во парламентот и мислам дека тоа е добар пример. Бидејќи го засега парламентот, логично е Европскиот парламент, а не комисијата да го направи тоа. Тие се подготвени , за што сум среќен и се надевам на успех. Ние се обидуваме да го разрешиме проблемот проактивно, но тоа мора да биде направено од одговорните и тие треба да го почитуваат владеењето на правото“, рече Хан.