Линкови за пристапност

Кежаровски останува на слобода


Апелациониот суд попладнево ја отфрли жалбата на Обвинителството за организиран криминал против условниот отпуст на новинарот

Апелациониот суд ја потврди одлуката на Основниот суд Скопје 1, од 22 јануари, за условен отпуст на новинарот Томислав Кежаровски, со што тој нема да мора да помине зад решетки уште три месеци, колку што по поминатите повеќе од 20 месеци во притвор и во куќен притвор, му остануваа од изречената казна од две години затвор во случајот „Ликвидација“, во кој беше осуден за наводно откривање на идентитет на заштитен сведок.

Откако по таа пресуда, новинарот експресно беше приведен во затворот на дослужување на казната, по само неколку дена беше пуштен со дома на барање на директорот на затворот Шутка - за прекин на издржувањето на казната, со образложение: влошена здравствена состојба на новинарот. Обвинителството тогаш поднесе до Апелациониот суд, жалба на одлуката на Основниот суд Скопје 1, со образложение дека е погрешно утврдена фактичката состојба и дека Кежаровски не ги исполнува условите за условен отпуст.

Со денешната одлука, „Апелациониот суд утврдил дека првостепениот суд правилно постапил кога согласно член 200-203 од Законот за извршување санкции и член 36 од КЗ, го уважил предлогот на Директорот на КПУ Затвор „Скопје“ – Скопје за условен отпуст на осудениот Кежаровски, и воедно одлучи истиот да се отпушти на ден 18.02.2015 година од понатамошно издржување на казната затвор“.

Кежаровски беше осуден дека во своите текстови втемелени на истражување за слабостите и пропустите во работата на полицијата,, наводно обелоденил идентитет на заштитен сведок. Иако на суд сведокот самиот призна дека лажно сведочел, Кежаровски помина две години во притвор и во кужен притвор, и беше осуден на 4,5 години завтор, односно со потврдената па намалена првостепена пресуда од Апелациониот суд - на 2 години затвор.

Но, новинарските здруженија од Македонија и од светот, и понатаму бараат ослободителна пресуда за новинарот, со став дека тој не направил кривично дело. Во тој контекст е и изјавата на неговиот адвокат. Минатиот месец, бранителот на Кежаровски, Филип Медарски, кој потенцираше дека се работи за „случај – преседан во Европа“ во кој е осуден невин новинар на затворска казна, најави дека докажувањето на неговата невиност, ќе продолжи со поднесување барање за вонредно преиспитување на пресудата на Апелациониот - пред Врховниот суд на Република Македонија. По исцрпувањето на можностите за правни лекови во Македонија, Медарски не исклучи и жалба пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

XS
SM
MD
LG