„Прашањата упатете ги до оние кои ги објавуваат снимките“. Вакви се реакциите на дел од функционерите кои лидерот на опозициската СДСМ ги посочи за директно мешање во судскиот систем, во продолжението од аферата со прислушување, објавено во неделата.
Премиерот Никола Груевски, иако директно прашан за став и за тоа дали чувствува одговорност за наводната компромитација на независноста на судството, кусо најави дека наскоро ќе следи негов коментар, а дотогаш, се повика на она што го кажа пред две недели.
„Јас на една прес-конференција ги предупредив граѓаните дека ќе следуваат вакви објавувања од страна на Заев, бидејќи од четирите средби што ги имав со него тој самиот потврди дека поседува материјали кои ги добил од странски служби. Но, сега нема за тоа ништо конкретно да кажам, свој коментар ќе дадам понатаму“, рече Груевски.
За разлика од него, државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, кој во еден од објавените разговори се споменува во контекст на наводен директен извршител на барањата на владини функционери, тврдењата ги отфрли како неосновани.
„Јас како јавен обвинител немам постапувано по предмет во кој што како пријавено лице се појавува Министерот за финансии Зоран Ставрески. Јавните обвинители кои постапуваат по предмети по кривични пријави се апсолутно независни, сами ја носат својата одлука и во конкретен предмет на нив не може да се влијае со никаква молба, препорака или укажување. Од мене никој нема побарано да се отфрли кривична пријава. За сите предмети за кои е отфрлена кривична пријава се известува оштетениот, односно подносителот на пријавата и истиот има право да поведе постапка пред суд или да поднесе жалба до повисокиот обвинител“, рече Зврлевски.
Но, никој досега од споменатите како наводни актери во снимените разговори не ја демантираше или оспори нивната автентичност, а реакциите на власта досега се, дека тоа се материјали добиени до странски служби, за наводна соработка на лидерот на СДСМ Зоран Заев со нив, чија цел е „уривање на уставниот поредок“ и „насилно преземање на власта“.
И партиските реакции се движат во двете крајности – за ВМРО-ДПМНЕ Заев „одработувал за туѓи интереси“, во ДУИ не се загрижени и бараат се` што има за нив да биде објавено во јавноста, за Либерално-демократската партија „власта го крши Уставот, приватноста, угледот и достоинството на граѓаните“, новото политичко здружение „Беса“ вели дека ова е доказ оти „ правниот систем во земјава се распаднал“.
Атмосферата на поделба, на тоа кој ги напаѓа, а кој ги штети националните интереси се префрли и на социјалните мрежи. Вчеравечер прво се појави видео материјал постиран на Јутјуб, од, како што се наведува „Македонски анонимуси“. Под наслов „Правата вистина“, оние кои стојат зад видео пораката велат дека го хакирале, како што велат „дувлото“ на Зоран Заев и се заканија на опозицијата дека ќе објавуваат матерјали кои, Заев наводно сакал да ги сокрие. Македонските медиуми истражувајќи кој стои зад видеото, објавија дека групата е формирана на 15 февруари, или еден ден пред да ја објави „заканата“, што предизвика сомежи дека се работи за македонски следбенци на светските Анонимуси.
Откако од СДСМ експресно беше демантирано дека имало хакерски упад во нивниот компјутерски систем, се јави групата која одамна се нарекува македонски анонимуси.
„Нашата страница нема направено вакво видео и не стоиме зад ова. Се сомневаме дека видеото е направено за нечии политички поени. Не наседнувајте. Анонимуси не се и никогаш не биле партиски поврзани“, напишаа „Анонимуси Македонија“ на својот Фејсбук профил.