Кога се работи за борба против насилничкиот екстремизам, „владата ги нема сите одговори“, кажа висок претставник на американската администрација во понеделникот претставувајќи ги плановите на владата за самитот на Белата куќа за градење нови напори против екстремистите.
Тридневниот собир започнува во вторник во Вашингтон. Тој ќе вклучи високи официјални претставници од десетици држави.
Американски официјални лица велат дека целта е да се оспособат заедниците да се спротивстават на на насилничкиот екстремизам. Тие велат дека за време на самитот организаторите ќе истакнат програми на американските заедници кои биле воспоставени во Бостон, Лос Анџелес и областа на Минеаполис-Ст. Пол.
Самитот доаѓа по неколку екстремистички напади од висок профил.
Тридневниот самит вклучува сесии кои ќе ги нагласат домашните и меѓународните напори за спречување на екстремистичките групи да инспирираат и радикализираат поединци во САД и во странство. Учесниците исто така ќе идентификуваат чекори за поефикасно спротивставување на насилничкиот екстремизам.
Организаторите ќе го ревидираат напредокот откако претседателот Барак Обама издаде повик за акција против екстремизмот минатиот септември на Генералното собрание на ОН.
Самитот вклучува говори на претседателот Обама, потпретседателот Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери. Висок претставник на администрацијата кажа дека голем број политички иницијативи ќе бидат претставени за време на сесиите.
Во четврток, Кери ќе биде домаќин на сесии на министерско ниво во Стејт департментот, што ќе вклучи забелешки од генералниот секретар Бан Ки-мун, јорданскиот министер за надворешни работи Насер Јудех и комесарот за мир и безбедност на Африканската унија Смаил Шергуи.