Линкови за пристапност

И покрај заканата од вето, Сенатот го изгласа нафтоводот Кистоун


Со 62 спрема 36 гласови, резултатот не е доволен да се поништи најавеното вето од претседателот.

Не осврнувајќи се на заканите на претседателот Барак Обама дека ќе стави вето, Сенатот контролиран од републиканците, го изгласа предлог-законот за контроверзниот нафтовод Кистоун ХЛ.

Гласањето беше 62 спрема 36. Девет демократи гласаа за проектот.

Сепак, тоа не е доволно да се поништи евентуалното вето на претседателот Обама.

Нафтоводот во должина од 1900 километри би пренесувал нафта од песоци со катран од Алберта, Канада, низ три северни сојузни држави во САД. Нафтоводот ќе биде приклучен на веќе постоечки, што пренесува сурова нафта на југ до рафинерии во Луизијана.

Поддржувачите на изградбата на нафтоводот велат дека тој ќе отвори илјадници работни места и ќе помогне да се намали американската зависност од странска нафта од држави непријателки настроени спрема САД.

Критичарите на проектот велат дека цифрата на нови работни места ќе биде незначителна, и повеќето од нафтата ќе биде извезувана. Тие веруваат дека проектот ќе предизвика и негативни последици по животната средина.

Конечниот закон за поддршка на контроверзниот нафтовод мора да се усогласи со верзијата од Претставничкиот дом, пред да дојде до претседателот, кој, пак, најави вето.

Проектот мора да ја помине ревизијата и од Стејт департментот, но и да го добие судскиот процес во Небраска, за планираната рута на цевките низ оваа сојузна држава.

XS
SM
MD
LG