Најголем дел од парите, речиси една милијарда долари, би се насочиле кон се` подлабоката криза во Сирија и околните области. Дополнителни 500 милиони ќе бидат употребени за засилување на напорите за борба против епидемијата на ебола во Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја.
Апелот ќе помогне на 98 милиони луѓе во 71 држава. Две третини од корисниците се деца. Директорот за програми за вонредни ситуации на УНИЦЕФ, Афшан Кан, вели дека децата се повеќе во ризик денеска отколку порано, од конфликт, глад, болест и злоставување.
„Едно на 10 деца во светот, 230 милиони, во моментот живеат во држави зафатени со вооружен конфликт и деца се се` повеќе цели на војна – насилнички нападнати дома, на училиште, на улица и користени како оружје и сила во борби на вооружени групи... Конфликтите веќе не се изолирани на една држава, туку се прошируваат и на соседните држави“.
Агенцијата известува за 12,2 милиони луѓе во Сирија и соседните држави кои имаат потреба од хуманитарна помош, меѓу кои 5,6 милиони се деца.
Кан вели дека УНИЦЕФ се справува и со други регионални кризи, како во Централната Африканска Република, која има влијание и на Чад, Нигерија и Камерун.
Во исто време еболата продолжува да носи жртви. УНИЦЕФ известува за 10.000 деца во Либерија, Сиера Леоне и Гвинеја кои изгубиле од болеcта еден или двајца родители, и многу се стигматизирани од нивните заедници.