Линкови за пристапност

Украинскиот бунтовнички лидер објави нова офанзива


Александер Закарченко од самопрогласената Народна република Донецк отфрли натамошни мировни разговори.

Лидерот на сепаратистите поддржани од Русија во источниот украински регион Донецк во петок кажа дека нема да има натамошни мировни разговори со Киев, додавајќи дека нивните сили започнале нова офанзива против украинската армија во делови на регионот што не се под контрола на бунтовниците.

Александер Закарченко, раководител на самопрогласената Народна република Донецк, кажа дека неговите сили ќе ги напаѓаат владините трупи „додека не дојдеме до границите на донецкиот регион“.

Руската новинска агенција РИА Новости го цитира со зборовите: „Ако видам закана на тлото на Донецк од кој било популационен центар, јас ќе ја елиминирам таа закана таму.“

Сепаратистите поддржани од Русија во моментов контролираат делови од донецкиот регион, како и делови од соседниот регион Луханск. Борбите во двата региони нагло интензивираа последните денови, особено околу донецкиот аеродром.

За време на средбата со високи претставници во Москва, во петок, рускиот претседател Владимир Путин ја обвини украинската влада за најновата ескалација на насилството во источна Украина, обвинувајќи ја за започнување офанзива користејќи артилерија и авијација која, како што рече, убила и ранила десетици лица, вклучувајќи жени, деца и стари.

ОН велат дека бројот на загинати во конфликтот во источна Украина надминал 5.000.

XS
SM
MD
LG