Линкови за пристапност

Пратеникот Трајанов бара формирање на анкетна комисија за случајот „Кежаровски”


Не стивнуваат реакциите и по одлуката на Основиот суд осудениот новинар да биде пуштен условно на слобода.

Пратеникот Павле Трајанов кој е дел од владеачкото мнозинство денеска најави дека иницирал формирање на Анкетна комисија во Собранието за да се испита целиот случај.

„Иницирав формирање анкетна комисија која ќе ги собере сите релевантни податоци, докази за случајот и врз основа на едно целосно согледување ќе утврди дали се кршат основните човекови права и слободи. Затоа сметам дека оваа иницијатива треба да биде поддржана од сите пратеници. Со ова ние ниту случајно не ја заменуваме улогата на судот ниту пак се мешаме во неговата работа. Сакаме судот да биде независен, но исто така не прифаќаме дека одлуките на судот не се коментираат. Не се согласуваме заштитениот сведок да се користи во сите случаи. Тоа е инструмент кога власта сака некого да прати во затвор. Сметаме дека оваа посебна истражна мерка треба да се користи во исклучителни случаи, како заштита од тероризам, заштита на државните интереси или за тешки случаи на организиран криминал. До сега во над 110 судски случаи е користен инструментот заштитен сведок и мислам дека со тоа во голема мера се кршат основните слободи и права на граѓаните“, вели Трајанов во интервју за Инбокс.

Тој во истото интервју ги образложува и неговиоте сомнежи за обвинението според кое е осуден новинарот Кежаровски.

„Томислав Кежаровски, според она што го анализиравме и според она што беше пишувано, а и според изјавите на сведоците особено на заштитениот сведок „Бреза“, сметаме дека овој не можел да биде заштитен сведок затоа што ниту видел ниту слушнал што точно се случило. Тој во тоа време бил на отслужување на затворска казна, а полицијата му пристапила и полека го подготвувала, го мотивирала или го присилила со разни ветувања дека треба да биде сведок околу расчистувањето на убиството (во селото Ореше н.з.). Тоа не е страшно да се користи, но тоа мора да биде релевантен сведок. Покасно тој обелодени дека бил принуден да соработува. МВР веќе знаеше дека против двајца припадници на полицијата се води постапка затоа што подготвувале сведок кој што не е подобен за таа работа. Ова значи дека Кежаровски не може да биде обвинуван дека објавил информации за идентитетот на заштитен сведок. Станува збор за доказ кој што е стекнат со кршење на законите. Тој доказ не е релевантен, не е подобен. Тој е фактички монтиран сведок. Штом е така не може судската одлука да почива врз основа на само тој доказ. Мислам дека тука има кршење на законот. Затоа ние мора да до крај да го расчистиме овој случај за да не ни се повторуваат вакви случаи во иднина“, изјави Павле Трајанов.

Во врска со неговата иницијатива за формирање на Анкетна комисија во Собранието засега нема никаков коментар од останатите пратеници од владеачкото мнозинство без чија поддршка нема да може да биде формирано ова тело во законодавниот дом.

Инаку, денеска беше објавено писмо за поддршка на новинарот Кежаровски. Писмото е потпишпано од 40-тина новинари од целиот Балкан.

„Апелацискиот суд со оваа пресуда казни новинар заради неговото истражувачко новинарство, со што Македонија стана единствена земја во регионот, во која слободата на изразување се спречува со затворски казни за новинари. Свесни сме за фактот дека слободата на медиумите во земјите од регионот е загрозена години наназад и единствен начин да се одбраниме од коруптивните и криминализирани системи е да ја работиме нашата работа професионално и јасно и гласно да изразиме солидарност со колегите на кои заради нивната професионална активност неретко им се загрозени и животите“, се вели во ова отворено писмо на неформалната регионална иницијатива за солидарност.

XS
SM
MD
LG