Косово и Македонија заеднички ќе работат на подобрување на комуникациите меѓу граѓаните од двете држави. Шефовите на дипломатии на Македонија и Косово, Никола Поповски и Хашим Тачи денеска во Скопје договорија приоритети во развојот на соработката. Станува збор за преминување на границата меѓу Македонија и Косово со лични карти, изградба на патна инфраструктура, и поголеми инвестиции.
Одлука за конретна реализација на овие приоритети треба да биде донесена на заедничка владина седница која би се одржала во наредните шест месеци, најави министерот Поповски по средбата со неговиот косовски колега.
На средбата било разговарано и за состојбите во регионот и решавањето на отворените прашања по мирен пат и со изготвена стратегија. Во овој контекст шефот на косовската дипломатија Хашим Тачи им препорача на Скопје и Атина да го решаваат проблемот „по примерот на Белград и Приштина“.
„Даваме голема поддршка на Македонија во решавање на спорот со Грција околу името. Како модел можат да послужат преговорите меѓу Белград и Приштина. Недоразбирањата треба да ги оставиме во минатото и да гледаме кон иднината“, рече Хашим Тачи.
По средбата косовскиот министер изјави дека ширењето на исламскиот радикализам е опасна работа за регионот, но дека Косово успешно се справува со ваков вид на опасност.