Линкови за пристапност

Лугар: Исламската држава е најголема закана за националната безбедност од 11-ти септември наваму


Во интервју за Гласот на Америка, поранешниот американски сенатор вели дека има малку време пред работите да станат речиси нерешливи.

Поранешниот американски сенатор Ричард Лугар вели дека САД имаат голема лепеза надворешно-политички прашања на хоризонтот, од преговори во врска со нуклеарната програма на Иран и спротиставување на потезите на претседателот Владимир Путин во Украина до подобрување на релациите со Источна Азија и стабилизирање на Блискиот исток.

Но, според него, подемот на групата Исламска држава, производ на движењето на бунтовништвото во Ирак и Сирија, претставува најголем предизвик. Транс-националната сунитска, исламистичка, бунтовничка и терористичка група ја прошири контролата врз области на делови од Ирак и Сирија од 2013-та. Групата е закана за владите на двете држави и потенцијално за уште неколку други држави во регионот. Четири години на војни го опустошија регионот и ги отежнаа напорите за подобрување на состојбата.

„Немаме никакви односи со Асад во Сирија. Често зборувавме со други потенцијални играчи во Сирија, таканаречени „умерени сили“ во Сирија, иако ние не можевме да ги идентификуваме или да видиме во што е нивната сила. Во Сирија ја имате Исламската држава што окупира голем дел од државата или доминира во неа, а владата на Асад се` уште се држи. Од другата страна на границата со Ирак, држава која не` чинеше деценија, американски животи и богатство, владата се` уште е слаба. Сегашната влада е подобра од онаа пред неа, владата на Малики. Но владата на Малики речиси го уништи единството на Ирак, делејќи ги Курдите, Сунитите и Шиитите."

Конфликтите со не-државните актери создаваат хаос, вели Лугар.

„Верувам дека не-државните актери, затоа што не се дел од ниедна држава, од каква било добро дефинирана организација која мора да се прикаже во ОН или на други меѓународни форуми .. дури и оние држави со кои имаме големи несогласувања и тензии се во најмала рака дел од светскиот поредок ...и барем имаме потенцијал за дипломатија или конверзација. Но ние навистина не знаеме кои се овие играчи."

Американската стратегија во однос на Исламската држава се` уште се развива, вели Лугар. Но тој исто така предупредува дека има малку време пред работите да станат речиси нерешливи.

(Ричард Лугар е поранешен американски сенатор и сегашен претседател на Лугар Центарот со седиште во Вашингтон, непрофитна организација фокусирана на нуклеарна непролиферација,безбедност со храна, и други критични глобални прашања.)

XS
SM
MD
LG