Републиканскиот лидер на американскиот Претставнички дом Џон Бејнер, го поканува премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, да зборува на заедничка сесија на Конгресот следниот месец, но Белата куќа се двоуми за понудата.
Бејнер соопшти дека поканата била за 11-ти февруари, среда, како дел од повикот на републиканците за посилни американски економски санкции спрема Иран додека САД и други светски сили се обидуваат да направат договор со Техеран да се воздржи од производство на нуклеарно оружје. Нетанјаху е силен противник на Иран и често изјавува дека се плаши оти САД може да направат многу отстапки на Иран за време на повеќемесечните преговори.
Израелскиот лидер зборувал од говорницата на американскиот Конгрес два пати порано но поканата на Бејнер исто така има за цел да се спротистави на американскиот претседател Барак Обама заради неговата опозиција на санкциите на новиот Конгрес спрема Техеран.
Во неговото обраќање за состојбата во која се наоѓа Унијата од вторникот навечер, Обама побара од Конгресот да се воздржи од натамошни ограничувања спрема Иран додека траат нуклеарните преговори, за да се види дали тие може успешно да бидат завршени. Претседателот кажа дека ќе стави вето на посилна регулатива ако Конгресот ја одобри.
Портпаролот на Белата куќа Џош Ернест кажа дека не слушнал ништо за патувањето на Нетанјаху во САД до кусо време пред поканата на Бејнер. Ернест кажа дека она што би требало да биде говор „изгледа како да е напуштање на нормалниот протокол во кој странски шеф на држава го контактира колегата кога патува во друга држава.
Бејнер кажа дека Обама очекува Конгресот „ништо да не прави додека тој склучува лош договор со Иран. Ние нема тоа да го правиме“.