Премиерот Никола Груевски денес се сретна со австрискиот министер за Европа, интеграција и надворешни работи, Себастијан Курц, со кого констатирале дека позитивните односи меѓу двете земји се карактеризираат со пријателство и взаемно почитување, како и со потенцијал за интензивирање во сите области од заемен интерес, се вели во соопштението на кабинетот на македонскиот премиер.
Теми на разговорот биле политичките односи, развојот на економските односи и потенцијалите за соработка и унапредување на трговската размена, како и европските и евроатланските интеграции на Република Македонија.
Според Груевски, Австрија претставува значаен трговски партнер на Република Македонија, но потребно е да се искористат можностите кои им стојат на располагање на двете држави за дополнително унапредување на односите. А шефот на австриската дипломатија ја истакнал поддршката која Австрија ја дава на членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, како и интересот на Австрија за побрзо интегрирање на целиот регион.
Гостинот од Австрија потенцирал дека што поскоро треба да се реши спорот околу уставното име на Македонија со соседна Грција.
„Според мое мислење, потребна е севкупна свесност на цела Европа дека нерешавањето на ова прашање може само да наштети, никому нема да помогне, ни на едните, ни на другите. За мене е сосема нејасно зошто по овој долг период нема никакво придвижување на работите во однос на овој спор. И едната и другата држава, како вклучени страни, имаат многу поважни работи за решавање“, потенцирал Курц. Тој истакнал дека Австрија очекува понатамошни реформи во Македонија на економски и политички план, ја повикал опозицијата да се врати во парламентот, и изразил надеж дека меѓуетничките односи ќе функционираат беспрекорно.
Министерот Курц имал средба и со шефот на македонската дипломатија Никола Поповски, по која навел дека спорот околу името трае предолго, но и исталнал оти е оптимист и дека се надева оти по изборите во Грција ќе има забрзана динамика во грчко-македонските разговори, најавувајќи дека „Австрија ќе направи се, тоа да се случи.
Курц потенцирал и дека „слободата на медиумите е од огромна важност за Европската унија. Само така, со слободни медиуми може да се изврши контрола на власта но и да се постигне жива демократија“ А неговиот домаќин Попоски, на прашање за вчерашниот протест за ослобоување на осудениот новинарот Томислав Кежаровски, изјавил дека не му е јасно зошто се протестира, кога новинарот бил пуштен на слобода и потенцирал дека од еден случај не може да се вади анализа за целосната слика во новинарството.