Линкови за пристапност

Волерс: На Македонија и` недостасува дијалог


Амбасадорот Пол Волерс на заминување од Македонија упати апел да се обезбеди дијалог за да се решат проблемите во државата.

Амбасадорот Пол Волерс на заминување од својата должност, во интервју за ТВ Сител порача дека дијалогот е клучната работа која недостасува во Македонија за да се надминат проблемите. Тој дијалогот го нарече основен инструмент за решавање на внатрешно- политичките тензии, меѓуетничките односи, но и односите со Грција.

Во врска со политичката криза во односите на владеачката структура со опозицијата, Пол Волерс порача:

“Јас нема да заземам став за тоа што тие треба да направат, но генерално, сметам дека подобро е да се има конструктивен пристап во која било форма што ќе ја креирате. Но, мислам дека парламентот, нормално, е најдоброто место да се случи тоа“.

„Што и да се реши сега, ќе има последици не само за оваа сегашна влада туку и за иднина, и затоа е многу важно сега да се направи како што треба, бидејќи она што е добро за една партија сега, можеби нема да биде добро за десет години, кога ќе се сменат улогите” додаде амбасадорот во истиот контекст.

Кометирајќи ги актуелните политички настани тој даде оценка за барањето на опозицијата за формирање на техничка влада.

„Техничката влада не е толку екстремна. Проблемот повторно е како да се сретнеш и да постигнеш договор, што ќе е добар за сите луѓе во Македонија, а не само за една или друга партија. Тоа е многу важен факт“, изјави амбасадорот Волерс.

Тој предупреди дека за Македонија од стратешко значење е нејизната евроатлантска интеграција и дека за да ја оствари таа цел мора да најде начин, во дијалог со Грција, да дојде до решение за проблемот со името. Амбасадорот Волерс во оваа прилика ја отфрли можноста меѓународната заедница да изврши притисок врз Грција за таа да се откаже од блокадата:

„Ова мора да се реши преку дијалог меѓу Македонија и Грција. ...Кога тоа прашање ќе се реши, Македонија ќе влезе во НАТО. Тоа е позицијата која се` уште ја имаме во НАТО“.

„Важно е да се погледне од геостратегиска перспектива што би значело за Македонија да не се придружи на НАТО и да не стане дел од ЕУ. Особено што сите околни земји се приклучуваат или се движат во таа насока. Тоа би бил голем пораз за Македонија“, рече Волрес.

Волерс во интервјуто за Сител нагласи дека голем предизвик за Македонија се меѓуетничките односи. Тоа е тема за која, како што рече, треба да се обезбеди дијалог со кој ќе се надмине растечкиот јаз меѓу етничките заедници.

XS
SM
MD
LG