Апелациониот суд конечно ја обелодени долго очекуваната пресуда, според која новинарот Томислав Кежаровски е осуден на две години затвор за наводно откривање идентитет на заштитен сведок. Пресудата на Апелациониот суд, ќе биде објавена од Основниот суд Скопје 1, со чија првостепена пресуда во оспоруваниот во медиумите предмет „Ликвидација“, новинарот Кежаровски беше осуден на четири ипол години затвор.
Кежаровски беше во притвор во скопскиот затвор Шутка од мај до ноември 2013, а оттогаш е во домашен притвор, се` заедно веќе 20 месеци, така што, по жалбата и по потврдувањето на пресудата, но со намалена казна, неговото семјество со нетрпение ја очекува утрешната одлука за притворот.
Пред обелоденувањето на пресудата во македонското Собрание, партијата Демократски сојуз, членка на владеачката коалиицја, најави подготвување иницијатива за анкетна комисија за спорниот случај „Ликвидација“.
Наведувајќи дека против новинарот се води процес за откривање на идентитет на заштитен сведок, за кој на суд се докажа дека бил лажен - односно присилен на соработка со судот, лидерот на ДС, Павле Трајанов, го изнесе партискиот став дека „обвинение засновано на докази обезбедени преку кршење на закони е спротивно на Законот за кривична постапка и врз такви докази не може да опстои обвинение“.Анкетна комисија, според ДС, треба да ја разгледа улогата на сите инволвирани во случајот и да предложи постапка за утврдување на одговорноста.
Покрај намалувањето на казната на Кежаровски, намалени се и казните на поранешниот истражен судија, адвокатот Валентин Зафиров, од 5 ипол години на две ипол години затвор, на обвинителот Ивица Ефремов од четири ипол на три години затвор, на судијата Иле Танев му е утврдена казна затвор во траење од една ипол година, а на пензионираниот судија Борис Николовски и на адвокатот и поранешен судија Сашо Лазаров, наместо пресудите од по една година затвор, им се изречени алтернативни мерки - условна казна од една година затвор, ако во следните три години не сторат ново кривично дело.