Линкови за пристапност

Македонија во снежна блокада


Снегот предизвика проблеми со снабдувањето со електрична енергија, затвори многу патни правци и ја попречи наставата во училиштата.

Снегот кој паѓаше изобилно во текот на вчерашниот ден предизвика големи проблеми во сообраќајот и во електроснабдувањето. Најголеми проблеми имаше во западните делови на Македонија, каде беа регистрирани и најобилните врнежи.

Поради прекините на струја се потрошиле залихите на свеќи во Охрид, а повеќе не може да се купи ниту леб, велат Охриѓани. Охрид вчера останал без струја повеќе од 16 часа, па поради тоа се купувале многу свеќи, јавија локаните медиуми.

„Утрово немаше човек кој не купуваше свеќи. Леб носеа само две компании. Другите компании или не работеа бидејќи немаа струја, или не можеа да дистрибуираат од други градови поради блокираните патишта, па така едвај се наоѓаше и леб“, изјави еден охридски трговец.

Проблеми со електроснабувањето имало и во велешко. Селата во општина Чашка, подрачјето на Азот до Богомила и Јасеново, од синоќа се без струја. Дефекти се регистрирани на локалниот далновод од Велес кој ги поврзува овие села, на што ќе се работи во текот на денот, како што јавија надлежните институции.

Посебно беше отежнат сообраќајот на патниот правец од Охрид кон Скопје. Десетици граѓани се нашле бликирани во близината на Кичево во своите автомобили и автобусите. Поради временските услови собраќајот се блокирал вчера рано попладне, по што десеткилометарска колона на воизла останала во блокада до денеска околу пладне.

Дел од граѓаните студената ноќ ја минале во автомобилите, а дел се снашол во локалните хотели. Граѓаните кои беа заложници на невремето се јавуваа во медиумите за да го искажат револтот поради, како што рекоа, негрижата за нивниот проблем и отсуството на релевантна информација за тоа што се случува на патиштата и до кога ќе бидат блокирани.

Снегот предизвика проблеми и за наставата, па некои училишта не работеа денеска бидејќи учениците не биле во можност да стасаат до училиштата.

Од здравствените установи јавија дека дваесетина лица се јавиле со скршеници и повреди од падови предизвикани од лизгавиот терен.

Поради прблемите синоќа Кризниот штаб на Владата одржа вонредна седница, на која претседаваше премиерот Никола Груевски.

На седницата, која траеше до доцна во ноќта, присуствуваа и известуваа за преземените активности и случувањата на теренот министрите за внатрешни работи, за одбрана, за здравство, за образование и за транспорт и врски, началникот на Генералштабот на АРМ, директорот на Агенцијата за заштита и спасување и претставници на други владини институции.

XS
SM
MD
LG