Денеска во Брисел вицепремиерот Фатмир Бесими се сретна со комесарот за проширување Јоханес Хан. На средбата се разговараше за кризата во политичкиот дијалог, можностите за решавање на спорот со името и перспективите за економски развој.
„Би сакал да побарам од политичките партии брзо да влезат во политички дијалог во Парламентот, а не надвор од него. Би сакал да ја видам опозицијата во Парламентот, а ако можам со нешто да придонесам, тоа ќе го сторам. Имам намера да ја посетам Поранешната Југословенска Република Македонија во јануари за да разговорам со сите од различните политички партии за начините да се појде напред“, изјави комесарот Хан.
Во контекст на напорите на Европската унија да се надмине кризата, денеска во Скопје пристигнаа и поранешниот и актуелниот известувач на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит и Иво Вајгел, кои ќе се обидат да им помогнат на партиите од власта и опозицијата да најдат решение за кризата.
Вицепремиерот Фатмир Бесими рече дека политичкиот дијалог треба да донесе резултати за европската интеграција со тоа што и опозицијата ќе биде во парламентот за да има отворен политички дијалог.
Комесарот Хан по средбата со Бесими рече дека станало збор и за можностите за решавање на спорот со името. Тој рече дека постојат напори и од страна на ЕУ да се надмине спорот, но не даде детали.
„Во моментов не можам да кажам ништо повеќе околу тоа, но би сакал да ве уверам дека треба да се деблокира ситуацијата во сите земји а не само во вашата. Во Советот на ЕУ е потребна едногласност за да се одобри почеток на преговори за членство и затоа треба да ги убедиме сите земји во тоа“, рече Хан.
Вицепремиерот Бесими се согласи дека треба да се работи на решавање на отворените прашања со соседите, иисто така потенцираше - и на меѓуетничките односи.
Комесарот Хан во оваа прилика соопшти дека својот мандат на оваа функција ќе го искористи за да го помогне економскиот развој.
„Ќе треба во иднина да ги подобруваме макро-економски показатели и буџетскиот дефицит. Моја цел во наредниот период е да се подобри економијата во земјата за да има подобри услови за живот за населението што е автоматски поврзано со правната држава, транспаретноста и борбата против корупцијата. Ако овие услови се исполнат можат да се привлечат директни инвестиции и од земјата и од надвор”, рече Хан.