Линкови за пристапност

Спомен плоча за загинатите Американци во Вратница


Амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс, и Министерот за одбрана на Македонија, Зоран Јолевски, ја откриваат плочата
Амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс, и Министерот за одбрана на Македонија, Зоран Јолевски, ја откриваат плочата

Плочата е изработена со грант од Американската амбасада, реализиран преку македонска невладина организација.

Плочата поставена на гробиштата во Вратница, од денска ќе го чува споменот на шестмината загинати и тројцата преживеани членови на екипажот на американскиот бомбардер Либератор Б-24Д, што во екот на Втората светска војна се урна на падинита на Шар Планина, на околу три часа пеш од ова тетовско село. Седумдесет години беа потребни прво да се лоцира местото на кое овој воен авион наречен „Наша љубов“ исчезна откако бил мета на непријателски оган, при враќањето од неговата мисија во Романија.

Од генерација на генерација се прераскажувале сеќавањата за тој 26 август, и освен во по некој новинарски напис, настанот ретко кој го споменал. А, жителите на Вратница раскажуваат дека им помогнале на преживеаните тројца кои веднаш потоа биле заробени од окупаторската полиција, додека останките на шестмината загинати Американци ги погребале на селските гробишта, покрај црквата. По ослободувањето членовите на нивните семејства дошле во селото, ги ископале телата и ги пренеле во САД.

„САД ќе им бидат вечно благодарни на жителите на Вратница за погребувањето на загинатите млади американски пилоти и за несебичната помош што во тие тешки воени времиња им ја укажале на преживеаните од падот на авионот. На еден ден пред Денот на благодарноста, ние го одбележуваме сеќавањето за загубените животи во борбата за слобода и искреното пријателство помеѓу Македонија и САД“, рече амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс, кој заедно со македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски ја открија спомен – плочата, изработена со грант од Американската амбасада, реализиран преку невладина организација Ветерани на Армијата на Република Македонија.

Ова е и еден од најсветлите моменти од нашата заедничка соработка во услови на војна кога САД загубија шест млади војници, а Македонија храбри сојузници во заедничката борба што ја водевме. Се надевам дека ова спомен - обележје ќе биде утеха на семејствата чиишто блиски загинаа во борба за слобода и мир далеку од дома, рече министерот Јолевски.

Рачниот детектор за метал, што дотогаш беше фрустрирачки тивок, почна гласно да пишти. Со потемнетите прсти изгребав од земјата и открив оштетено парче алуминиум...
Спенсер Филдс

На откривањето на спомен плочата присуствуваа и очевидци кои во време на падот на американскиот авион биле деца. Токму изјавите на некои од нив, биле клучни, минатата година да се лоцира точното место каде леталото се урнало. Но, малкумина знаат дека заслугата е на персоналот вработен во Американската амбасада во Скопје. Приказната ја открива Спенсер Филдс, офицер за политички прашања во Амбасадата, кој го предводел тимот во оваа неверојатна мисија, објавена лани во декември во месечното списание на Стејт Департментот. Се` започнало во март минатата година кога амбасадорот Волерс побарал од вработените да дознаат нешто повеќе за американскиот бомбардер што се урнал за време на Втората светска војна во близина на Вратница. Но, по изминати денови во ќорсокак, најголемиот пресврт го прават жителите на ова тетовско тело, кои прво го лоцираат точниот датум на овој трагичен настан - 26 август 1944 година - и на истражувачите им ги дале насоките за можната локација.

„Десет дена подоцна, бев на стрмниот дел од планината, на пет илјади стапки надморска височина, едвај задржувајќи се на нозе додека, студениот воздух ми ја ладеше потта. Рачниот детектор за метал, што дотогаш беше фрустрирачки тивок, почна гласно да пишти. Со потемнетите прсти изгребав од земјата и открив оштетено парче алуминиум... Го пронајдовме авионот. Овие `рѓосани остатоци беа нашата врска со екипажот и нивните семејства, чии фотографии, досиеја и писма ќе помогнат овие неповрзани информации да ги склопиме во мозаик. Подоцна, ги анализирав сите детали од несреќата и го создадов ова сценарио, пишува Филдс во неговиот напис насловен како „Откопување на историјата“.

XS
SM
MD
LG