Линкови за пристапност

Мирганти гинат во железнички несреќи во Македонија


За последниот месец загинале осум лица од Сирија и Авганистан на железнички пруги во државата.

Вчера вечер уште еден бегалец од војната во Сирија го загуби животот на пругата во правецот Гевгелија-Скопје во близината на Демир Капија.

На местото на несреќата полицијата и јавен обвинител направиле увид. Констатирано е дека загинатиот е од Сирија на возраст од 25 години, соопшти МВР.

Од почеток на ноември ова е шеста несреќа во која животот го загубија седуммина возрасни мигранти и едно бебе.

На ова реагираше и Македонското здружение на млади правници, невладина организација која се занимава со правата на мигрантите, нарекувајќи ја појавата на загинати мигранти во железнички несреќи загрижувачка.

„Поради нашата географска поставеноста на т.н „балканска миграциска рута”, Република Македонија стана транзитна земја за нерегуларни мигранти кои преку Турција, Грција, Македонија и Србија патуваат кон некоја од земјите-членки на ЕУ. Најчестиот modus operandi на мигрантите е преминување на државната граница пеш на т.н. зелен појас со „олеснувачи” кои им помагаат на таквите да стигнат до некоја дестинација“, се вели во реакацијата на оваа невладина организација.

Последниот ваков инцидент се случи на 14 ноември кога загинаа двајца браќа од Сирија, на 22 и 23 години, во близина на Велес. Претходно, на 10-ти овој месец, исто така на железничката пруга во Велес загина уште еден мигрант чии идентитет уште не е утврден. На 5-ти ноември, на железничката пруга Скопје-Гевгелија загина Авганистанец на возраст меѓу 20 и 25 години, заедно со својот син. На пругата кај Неготино, пак, на 2 ноември животот го загуби 56 годишен Сириец, а ден пред тоа, 20 годишен Авганистанец.

Организацијата апелираше до властите да најдат механизми за избегнување на ситуациии во кои лица кои имаат потреба од меѓународна заштита би го загубиле својот живот во Република Македонија, како и поголема посветеност во остварувањето на правата на бегалците.

Оваа организација со поддршка на Канцеларијата на Високиот Комесаријат за бегалци на ОН во Скопје обезбедува правна помош и ги застапува овие лица во сите фази на постапката за азил пред управните органи и како и пред судовите надлежни да одлучуваат по нивните барања.

Од МВР велат дека преземаат мерки за пресекување на нелегалните мрежи за пренос на мигрантите преку кои тие стигаат во Македонија. Во рамкте на тиа активности биле подесени повеќе кривични пријави.

XS
SM
MD
LG