Линкови за пристапност

Столтенберг во Кабул: „Нема да останете сами“


Во првата посета на Кабул како шеф на НАТО, Столтенберг вети поддршка и по повлекувањето на странските војници од Авганистан

Новиот шеф на НАТО оствари ненајавена посета на Кабул во четвртокот, порачувајќи им на Авганистанците дека западниот воен сојуз ќе продолжи да ја поддржува земјата и по повлекувањето на странските војници кон крајот на годинава.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека на крајот на борбената мисија „почнува ново поглавје во кое иднината на Авганистан е во рацете на авганистанскиот народ.“

„Повеќе од една година, авганистански војници и полицајци ги предводат безбедносните операции низ земјата, а на крајот на оваа година, ќе преземете целосна одговорност за безбедноста. Но нема да останете сами“, изјави поранешниот норвешки премиер.

За време на првата посета на Авганистан, како шеф на НАТО, Столтенберг разговораше со авганистанскиот претседател Ашраф Гани, како и со високи претставници на Меѓународните сили за помош во безбедноста.

НАТО и САД ги повлекуваат своите војници од Авганистан до 31 декември, а во земјата ќе останат 12.000 војници со главна задача да ги обучуваат авганистанските безбедносни сили кои бројат 350 000 припадници.

бх/лк

XS
SM
MD
LG