Линкови за пристапност

Соларната иднина изгледа посветла


Истражувачите создадоа нов материјал што многу поефикасно ја апсорбира и трансформира во топлина сончевата светлина

Научниците создадоа нов материјал за соларна енергија кој што тие го нарекуваат „црна дупка за светлината“ бидејќи може да апсорбира и конвертира во топлина 90 отсто од сончевата светлина на која е изложен.

Тим од истражувачи од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, според соопштението за медиумите, креирале материјал кој може да се користи во централи за концентрирање на сончева енергија.

Материјалот наводно ја зголемува ефикасноста на овие централи за околу 30 отсто.

Тие централи се состојат од илјадници огледала кои ја рефлектираат сончевата светлина во централна кула покриена со светлинско-апсорбирачки материјал. Така, концентрираната сончева светлина се претвора во топлина која може да придвижи парна турбина, која произведува електрична енергија.

Централите работат со загревање на стопена сол, која може да се чува во термални резервоари и продолжува да произведува електрична енергија дури и кога е темно. Ова е голема предност во однос на фотоволтаичните ќелии кои запираат со производството на енергија навечер.

Истражувачите велат дека една од големите предности на нивниот материјал е неговата издржливост. Тој издржува топлина од над 700 Целзиусови степени, а е отпорен на изложеност и на други елементи. Тие додаваат дека централите се поефикасни на повисоки температури.

Централите во моментов произведуваат околу 3,5 гигавати енергија на глобално ниво, што е доволно да се обезбеди електрична енергија за повеќе од два милиони домови. Тој број може да се зголеми до 20 гигавати во наредните години.

Добра вест за соларна енергија имаше, исто така, и во извештајот објавен оваа недела од Дојче банк, според кој кровните фотоволтаични ќелии ќе бидат поевтини од останатите извори на енергија во 47 сојузни држави во САД до почетокот на 2016-та година.

Извештајот, напишан од водечкиот аналитичар на Дојче Банк за соларна енергија, Вишал Шах, претпоставува дека САД ќе продолжат и со мерката од 30 отсто даночен кредит за соларен систем, чие важење истекува во 2016-та година.

Според извештајот, дури и ако даночниот кредит биде намален за две третини, соларната енергија сепак ќе постигне паритет со другите форми на електрична енергија во 36 држави.

Во моментов соларната енергија чини исто како и другите извори на електрична енергија во само 10 сојузни американски држави.

Според извештајот количината на електрична енергија од соларни панели во САД би можела да биде 16 пати поголема во 2016-та година отколку што беше во 2008-ма.

Овие трендови во соларната енергија доаѓаат во време на намалувањето на цените на фосилните горива, што вообичаено предизвикува губење на интересот за соларните системи.

Претходно оваа година Меѓународната агенција за енергетика предочи дека Централите на КСЕ би можеле да обезбедат 11 проценти од светската електрична енергија до 2050 година, додека фотоволтаичните централи може да сметаат на раст од дополнителни 16 отсто.

Во моментов, од соларна енергија се обезбедуваат помалку од еден процент од потребите од електрична енергија во светот.

бх/лк

XS
SM
MD
LG