„Минатата недела овде во Скопје имаше напад врз ЛГБТИ заедницата во Скопје и ние како претставници на ЕУ и другите амбасади, го осудуваме овој напад и сме апсолутно сигурни дека властите ќе поведат ефикасна и брза истрага да ги најдат напаѓачите во овој случај, како и за претходните напади“, изјавил денес амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.
Дел од странските дипломати во Скопје, денес побарале од македонските власти со конкретни ангажмани да дејствуваат и да го расчистат минатонеделниот инцидент, кога на одбележувањето на двегодишнината од формирањето на македонскиот ЛГБТИ Центар, група маскирани насилници фрлаа со камења и шишиња, го демолираа кафулето каде се одвиваше настанот, при што имаше и двајца повредени меѓу присутните. Покрај евроамбасадорот, гости на ЛГБТИ центарот биле и амбасадорката на Франција, в.д амбасадорот на Холандија и претставници од британската и словенечката амбасада. Според евроамбасадорот Орав, основни вредности на ЕУ се човечкото достоинстов, слободата, демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, а должност на државите е да заштита токму на човековите права и на фундаменталните слободи на поединците.
Со оглед дека последниот инцидент со маскираните насилници е шести напад врз ЛГБТИ заедницата во Скопје, а ниту еден од претходните напади не е решен, холандскиот дипломат Питер Верхеен денес истакнал дека ничија сексуалната ориентација не смее да се користи како оправдување за напади, а дека секоја власт има должност да ги штити не само своите гласачи, туку сите граѓани и да преземе адекватни дејствија пред правдата.
Претходно и Канцеларијата на Европската комисија во Скопје, испрати соопштение по повод инцидентот, во кое се вели дека „Европската унија го почитува принципот на универзалност на човековите права и смета дека културните, традиционални или религиозни вредности не може да се користат за оправдување на која било форма на дискриминација, вклучувајќи и дискриминација против ЛГБТИ лицата. Тие ги имаат истите човекови права како сите други индивидуи, вклучувајќи го правото на недискриминација. Овој принцип е дел од меѓународните инструменти, како и дел од препораките на Советот на Европската унија за промоција и заштита на уживањето на сите човекови права на ЛГБТИ лицата“
Денес, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови правана Македонија Уранија Пировска се заблагодарила за поддршката на страските дипломатски претставици, истакнувајќи дека шестиот напад врз ЛГБТИ заедницата во Република Македонија, би требало да биде показател за тоа дека е „неопходно потребно да се спроведе ефективна истрага која што на крајот, ќе доведе до тоа да бидат фатени сторителите, на овој и на претходните напади и дека сторителите ќе бидат изведени пред правдата“
И веднаш по нападот, активистите од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата и од Хелсиншкиот комитет за човекови права, го осудија насилството и говорот на омраза и побараа да се пронајдат сторителите за да одговараат пред законот.
„Неколку пати потенциравме дека тоа што нема јавна осуда за насилството кое што се случува врз ЛГБТИ заедницата, ќе резултира со охрабрување за продолжување за ваквите напади. Нашето прво барање е премиерот да излезе и јавно да го осуди насилството кое што се случуваше и кое што има шанси да се случува и понатаму ако не се преземе нешто. Вчерашното насилство не беше само врз ЛГБТИ заедницата, беше врз активисти за човекови права, врз Хелсиншкиот комитет и неговата подружница ЛГБТИ центарот“, рече тогаш Пировска,.
А претседателот на Хелсиншкиот комитет Гордан Калајџиев, ја повика министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска да одговори зошто не се откриени сторителите на досегашните сериозните кривични дела предизвикани од омраза. „За жал, ниту Обвинителството, ниту судиите си ја вршат улогата која во правна држава, Уставот на Република Македонија и меѓународните инструменти им ја даваат да ја контролираат полицијата, која оваа монополна власт на кривичните истраги ја злоупотребува и огормен дел од особено ваквите сериозни кривични дела сторени од омраза, ги оставаат неоткриени затоа што ним не им се симпатични жртвите“, рече Калајџиев.
Активистите тогаш побараа и отворање на кривична истрага за говорот на омраза на социјалните мрежи по нападот и за предизвикувањето омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа против медиумите кои пред настанот објавуваа содржини со говор на омраза против ЛГБТИ заедницата.