Вицепремиерот за европски интеграции Фатмир Бесими побара од претставиците на медиумите мислења за тоа како да се подбрат состојбите во сферата на слободата на медиумите, што во Извештајот на ЕК доби мошне негативна оценка.
Тој ги поздравува јавните консултации и советувања со домашните и меѓународните организации и здруженија по однос на ова прашање, односно широката расправа при донесувањето на законите за медиуми и аудио и аудиовизуелни услуги и нагласи дека позитивен развој нотиран во Извештајот е и воспоставувањето на саморегулаторно тело од страна на самите новинари - Советот за етика на медиумите. Целта на овие дебати, рече, е да се подобри сликата за земјата во делот на медиумите.
Тамара Чаушидис од Самостојниот синдикатот на новинари побара именување на проблемот. „Јавното мислење не се менува со слики и средби од кои не произлегуваат реални резултати“, рече таа.
Биљана Петковска од МИМ смета дека не е проблемот во законите туку нивната имплементација.
„Законите не биле проблем никогаш во РМ. Проблемот е во нивното селективно спроведување, во односот на институциите, нивната отчетност и транспарентност“, рече Петковска.
Дополнително, претставниците на медиумските здруженија потенцираа дека исто толку голем проблем е и селективниот однос на властите кон медиумите, нивното финансирање и директното мешање во содржините.
На прашањето дали тој ќе најде некаков инструмент и да побара новинарот Кежаровски да биде ослободен, Бесими кажа дека не сака да се меша во судството во државата.