Линкови за пристапност

Во Охрид разменети искуства за радикализацијата на младите од регионот


На конференцијата „Тероризам: Превенција од радикализација на младата популација“ беше кажано дека Македонија будно ги следи индикаторите за такви активности

Тероризмот е комплексна појава, каде посебно ранлива категорија се млади лица со нецелосно оформено образование, најчесто од нестабилни социјални средини, кои се лесно подложни на манипулација, кажа министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во нејзиното обраќање на конференцијата во Охрид, под називот „Тероризам: Превенција од радикализација на младата популација“.

На собирот присуствуваат разузнавачи и припадници на безбедносните служби од Италија, Малта, Велика Британија, Франција, Австрија, Унгарија, Чешка, Полска и сите земји од регионот. Тие расправаат за најактуелните настани поврзани со верскиот радикализам.

„Разменетите искуства и согледувања изнесени на оваа меѓународна конференција ќе допринесат во разбирањето на феноменот на радикализација на младите лица но и во изнаоѓање соодветни модели за негово сузбивање и превенирање“, истакна, меѓу другото Јанкулоска, додавајќи дека „поттикнати од политички, економски или културно-социолошки фактори, овие лица се самоидентификуваат со идеологиите на екстремни и радикални структури“.

Во оваа насока се и најновите измени во Кривичниот законик на Република Македонија со кои се санкционира регрутацијата, обуката, агитирањето, логистиката, финансирањето и учеството на лица во воени конфликти надвор од државата и во странски паравојски и терористички организации.

„МВР и Управата за безбедност и контраразузнавање интензивно работат на детектирање и спречување лица кои одат во кризните региони. Во Македонија се уште нема индикатори што би укажувале на какви било терористички акти, но остануваме будни и работиме во насока да не се дозволи каква било активност од тој вид“, рече Тони Јакимовски, национален координатор за борба против тероризмот.

Според него, македонски државјани кои одат на боиштата во Ирак и Сирија, во најголем дел го користат правото на легален тримесечен престој во Турција, од каде се префрлаат во Ирак и Сирија.

На конференцијата стана збор и за унапредувањето на билатералната и мултилатералната соработка која овозможува вистинско димензионирање на појавите и тенденциите на радикализација во регионот и пошироко.

XS
SM
MD
LG