На свеченото одбележување на овој голем историски настан за Република Македонија, кој започна со интонирање на македонската химна, присуствуваа ученици од основните училишта од општина Охрид, претставници на локалната власт, како и дел од туристите кои се затекнаа денеска напладне во овој голем историски споменик.
Најмладите граѓани ги проследија најважните информации за Цар Самуил преку предавањата на нивните професори по историја, а за значењето на овој цар зборуваше и градоначалникот Никола Бакрачески кој рече дека соседните земји се обидуваат да ја присвојат македонската историја во обидот да заработат дневно-политички поени.
„Во последно време од дневно-политички карактер, многу историчари од нашите соседни земји и од други држави, прават обиди да ја присвојат историјата на Република Македонија, вклучително и наследството на Цар Самуил, оносно неговото потекло и периодот на неговото живеење. Она што јас сакам да го порачам е дена секојпат при градење на едно научно историско сознание треба да се користат историски факти и аргументи врз основа на кои понатаму се гради одредена теза или теорија која треба да биде потврдена, а така и со припадноста на Цар Самуил. Ние како граѓани на Република Македонија и како охриѓани го сметаме како наш основоположник на македонското средновековно царство и како таков го прославуваме“, нагласи Бакрачески.
Самуиловата тврдина на калето каде што денеска се одбележа 1.000-годишнината од смртта на Цар Самуил е едно од најрепрезентативните спомен-обележја на Охрид и најпосетена туристичка атракција, а влегува во симболите за градот, како што се грбот и знамето на Општина Охрид.
Паралелно течат и подготовките за големиот филмски спектакл, играниот филм посветен на Цар Самуил. Режисер на филмот е Антонио Митриќески, а продуцент Дејан Милошевски, кој откри дека филмот ќе се снима во Охрид и околината.
„Како режисер, за мене е фасцинантно да ја доловам таа енергија и тоа време. Навистина некои локации што веќе ги одбравме се прекрасни. Главните локации ќе бидат во Охрид, на Самуиловата Тврдина, на планината Галичица, околу Охридското и Преспанското Езеро. Ќе има плејада на глумци од Македонија“, изјави режисерот Митриќески.
Според него, филмот ќе биде главна драма помеѓу Цар Самуил и Василиј Втори, но преку него ќе се опфатат и дел од семејните односи, но и интригите во дворот на Цар Самуил.