Линкови за пристапност

Реакции на кадровска политика во дипломатијата


Додека СДСМ обвинува за непотизам и партизација, власта тврди дека опозицијата нема кредибилитет за критики.

„Партиските врски диктираат во МНР, а Македонија ги губи меѓународните позиции, во пресрет на извештајот од Европската комисија“, реагираше опозициониот СДСМ, по повод информациите за новоменуваните македонски амбасадори во неколку дипломатски претставништва во светот. Според СДСМ, новиот амбасадор на Македонија во Москва ќе биде синот на амбасадорот во Албанија, што по скандалот во Русија, каде амбасадорот ненајавено заминал на одмор и ја оставил амбасадата празна, е уште еден удар „за угледот и за позицијата на Македонија во меѓународни рамки“.

Опозицијата обвинува дека „во пресрет на европскиот извештај за напредокот на Република Македонија за 2014 година, се случува дополнителна партизација на МНР. Амбасадор во Москва ќе биде Гоце Карајанов, актуелниот конзул на Македонија во Њујорк, кој случајно е син на македонскиот амбасадор во Албанија, Стојан Карајанов. Ова се случува по срамот во Русија, кога амбасадата беше под клуч бидејќи тогашниот амбасадор, Шундовски, самоиницијативно си замина на одмор. Семејно-партиските врски диктираат сè во МНР, додека Македонија ги губи сите меѓународни позиции“, обвини СДСМ

Коментар за ваквите обвинувања побаравме од Министерството за надворешни работи, од каде, Габриел Атанасов писмено ни одговори дека „Карајанов е македонски генерален конзул во Њујорк. Тој е диломат со одлично образование, во врвни дипломатски институции, динамичен со познавање на светски јазици, докажан во практични задачи во Скопје и на мандати надвор“.

На обвинувањата на опозицијата претходно реагираше и владеачката ВМРО–ДПМНЕ според која „СДСМ нема кредибилитет да говори за надворешната политика и кадровските решенија во македонската дипломатија“.

„Во нивно време на позициите дипломати беа испраќани највисоки партиски функционери, кои место да ја вршат својата функција, ја резилеа Македонија, препукувајќи се за внатрепартиски прашања во СДСМ. Уште поеклатантен пример за дното кое го допре македонската дипломатија во време на СДСМ е физичката пресметка на тогашната македонска амбасадорка, испратена од СДСМ во Холандија, со персоналот од амбасадата. Исто така, еден од пулените на СДСМ и опозицијата, додека ја вршеше функцијата амбасадор во Брисел, беше поврзуван со срамна злоупотреба на функцијата за шверц на гуми“, реплицираше партијата на власт

И според ВМРО-ДПМНЕ, прозваниот за непотизам Карајанов, бил професионален дипломат, школуван на врвна светска институција за меѓународни односи во Москва, каде се обучувани и поголем број европски министри за надворешни работи и дипломати. Партијата тврди дека Карајанов зборувал одлично англиски и руски јазик и дека поседувал високи способности за градење контакти и промовирање на Република Македонија.

Покрај полемиката на релација ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со кадровската политика во дипломатијата, незадоволна е и владеачката ДУИ. Според „Утрински весник“, предложените кандидати за диломатски функции од оваа партија, биле „заглавени во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, кој на ваков начин му праќа порака на лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека ако и понатаму не го признаваат и му се обраќаат со „господин“, тој нема обврска да става потпис на нивните агремани“.

Според весникот, непризнавањето на легитимитетот на Иванов како претседател од страна на ДУИ, е причина за повеќе од едногодишната испразнета амбасадата во Женева, но и за немањето амбасадор во Берн и неиспраќањето амбасадор во Катар и во Варшава - дестинации кои при коалиционите договори му припаднале на албанскиот коалиционен партнер. Така, според „Утрински весник“, Екрем Абиби, кој бил и дипломат и оџа, иако уште од септември минатата година ја поминал селекцијата во Владата и презентирал тези во МНР, се` уште чека потпис од претседателот на државата за да замине во Берн. Во слична ситуација тврди весникот, биле и Теута Демјаха, најверојатно за Женева и Шабан Јашари - за Катар. Во нештоп поинаква ситуација е Фуад Хасановиќ, досегашен амбасадор во Катар, кој требаше да замине за Сараево но не се решени обвинувања за финансиски злоупотреби на претходната функција.

Иако деновиве беше објавено дека испразнетото место во амбасадата во Берлин конечно ќе го пополни Сашо Марковски, од минатата година актуелен конзул на Македонија во Минхен, јавноста во Македонија не доби одговор зошто пред два ипол месеци тогашниот новоименуван амбасадор Ненад Колев, пред самото заминување за Германија, се повлече од функцијата. Несудениот амбасадор Колев, кому неколку месеци претходно му беше потврден агреманот, не замина во Германија, а поднесе и оставка на функцијата директор за економска дипломатија во МНР. Според тогашните извештаи во медиумите, амбасадорот Колев, кој иако е млад, е дипломат од кариера, со работен стаж во МНР од 1997 година, ја поднел оствката поради несогласувања со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, кој наводно му искажал недоверба и изнел сериозни дилеми околу неговиот мандат, изнесувајќи и оценка за наводната непредвидливост на амбасадорот. Потоа, Владата распиша јавен оглас за пополнување на една од најстратешките дипломатски позиции во Европа.

Колев до денес се нема огласено во медиумите за случајот, а во јули беше објавен само еден кус одговор на МНР, според кој „прашањето за амбасадори не е прашање на лична доверба туку на професионалност и принципиелност кон државата и нејзините приоритети“, како и кусиот коментар од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, кој наводно и самиот ја поддржал неговата кандидатура, дека „се прифаќа одлуката на Колев да се откаже од амбасадорската функција во Берлин “.

Денес, пак, господинот Атанасов од МНР, одговорајќи на нашето прашање за актуелниот статус на Колев, ни напиша:

„Во МНР работат околу 500 лица. Секој има свое место и позиција. Колев е еден од вработените со свои задолженија. Соодветно со капацитетите, секој има своја улога. Колев има ангажман во кабинетот на МНР“.

Но, откажувањето на Колев не беше единствено. Претходно, во февруари, и назначениот амбасадор Никола Димитров се повлече од амбасадорската функција и не замина во Москва, каде се` до актуелното назначување на Карајанов, Македонија имаше само вршител на должноста амбасадор, па дел од медиумите прашуваа каква порака македонската дипломатија на ваков начин упатува кон моќните држави - Германија и Русија. Како и во последниот случај, опозицијата и летоска обвинуваше за „скандалите кои ја тресат македонската дипломатија, откако Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се на власт“.

XS
SM
MD
LG