Линкови за пристапност

Наумовски: САД остануваат стратешки партнер на Македонија


Интензивирање на политичките односи и заложби за безвизен режим со САД - приоритети на новиот македонски амбасадор во Вашингтон

Новоименуваниот амбасадор на Македонија во САД, Васко Наумовки денес пред собраниската Комисија за надворешни работи ја претстави платформата за дипломатските активности во Вашингтон. Новиот македонски амбасадор во САД ќе ја врши и функцијата преговарач во спорот со името, која ја презеде од ексамбасадорот Зоран Јолевски.

Според презентацијата на Наумовски, САД остануваат стратешки партнер на Македонија, како држава која ги поддржува и нејзината независност и територијалниот интегритет, но и македонските реформи во областа на одбраната и безбедноста. Наумовски истакна дека САД со својата политика кон Југоисточна Европа - Балканот, ги охрабруваат сите заинтересирани страни за решавање на сите отворени прашања меѓу државите.

Покрај интензивирањето на политичките односи меѓу Република Македонија и САД, динамизирањето на контактите со Белата куќа и поттикнувањето на парламентарната соработка со американскиот Конгрес, како и привлекувањето американски инвестиции низ промоција на технолошки, индустриски и здравствени зони, како главни приоритети во неговата работа, Наумовски истакна и дека ќе се залага за обезбедување безвизен режим со САД. Иако пред неколку месеци стигнаа песимистички прогнози дека македонските граѓани ќе почекаат уште неколку години за да можат да ги посетат САД без визи, како и дека во моментов се одбиваат околу 20 проценти од апликациите на македонските граѓани што е се` уште високо ниво според Наумовски, иако „САД имаат строги критериуми кои прво треба да ги исполни земјата, наша цел е да ги исполниме критериумите на среден рок. Прво, ќе се обидеме да ја подготвиме правната рамка и јакнењето на институциите од безбедносен аспект"

Исто така, Наумовски планира и интензивна комуникација со македонските иселеници во САД, за заеднички настап и лобирање за решавање на спорот со името и за остварување на националните интереси.

Наумовски е професор на Правниот факултет во Скопје и поранешен министер за евроинтеграции во Владата на Никола Груевски во перидот од 2009 до 2011 година. Како нов претставник на Македонија во разговорите за разликите околу името во Обединетите нации. Наумовски најави следна средба со грчкиот преговарач до крајот на годината.

„Во овие разговори Република Македонија настапува со јасно изразена волја да се надмине таа разлика што постои во однос на името. За жал, впечаток е дека кај другата страна во овој момент постои еден недостиг на мотивација за надминување на оваа разлика, но и покрај тоа, ние ќе продолжиме да разговараме со нашите соседи, во правната рамка што е воспоставена со соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН, Времената спогодба, како и пресудата од Меѓународниот суд на правдата“, изјави Наумовски.

Одговарајќи на пратеничко прашање, во поглед на постоењето на јасна државна статегија за преговорите, Наумовски истакна дека „стратегијата и нејзиното изгласување е работа на парламентот. Ставовите на Република Македонија за името се многу прецизни. Јас имам добиено прецизни насоки од Владата и од МНР за преговорите и ќе се раководам според тие насоки".

XS
SM
MD
LG