Линкови за пристапност

СДСМ ја објави владата во сенка


СДСМ како најголема опозициска партија денска го објави тоа што тие го нарекуваат втор чекор во реализацијата на Стратегијата за политичко делување на Социјалдемократскиот сојуз.

„Утврдена е кадровската поставеност на Централниот систем на комисии, што внимателно ќе ја следи работата на секое министерство, орган, институција, на централно и на локално ниво и ќе ги корегира политиките на актуелната власт. СДСМ формира Директорат на Централниот систем на комисии на кој се поставени пет извршни директори кои ќе работат директно во консултации со мене како претседател на Социјалдемократскиот сојуз и ќе ја координираат работата на 17 комисии“,соопшти на прес конференција претседателот на оваа партија Зоран Заев.

Тимот е составен од следниве членови,

Извршен директор и претседателка на Комисијата за надворешни работи, задолжена и за комисиите за информатичко општество и администрација и за европски прашања е заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Извршен директор задолжен за комисиите за внатрешни работи, за правда и за одбрана е генералниот секретар Оливер Спасовски.

Извршен директор задолжен за комисиите за финансии, за економија, за локална самоуправа, за труд и социјална политика и за енергетика е потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов.

Извршен директор задолжен за комисиите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за транспорт и врски и за животна средина и просторно планирање е потпретседателот, Дамјан Манчевски и

Извршен директор задолжен за комисиите за здравство, за образование и наука и за Комисијата за култура е потпретседателот, Александар Кирацовски.

Директоратот на СДСМ, континуирано ќе ги скенира општествено–политичките процеси во државата, што влијаат врз животот на граѓаните на Република Македонија и ќе носи одлуки за политичко дејствување на СДСМ, исклучиво според потребите на граѓаните на Македонија.

Покрај ова донесена е одлука за формирање на 17-те комисии што ќе бидат постојан коректив на државните институции и предлагач на алтернативните решенија на СДСМ пред граѓаните, за проблемите со коишто се соочуваат. За претседатели на комисиите избрани се личности кои долги години ја следат работата во ресорите што ќе ги водат. Дел од нив се членови на Извршниот и Централниот одбор, дел од нив се досегашни претседатели на советите на партијата.

„Исто така, на вчерашната седница на Извршниот одбор е донесена едногласна одлука, носител на четвртиот столб од Стратегијата за политичко делување на СДСМ, “Партнерства за демократска Македонија“ да биде нашиот кандидат за претседател на последните претседателски избори, досегашен претседател на Советот за безбедност и НАТО интеграции, Стево Пендаровски“, изјави Зоран Заев.

СДСМ најавува дека новата стратегија со поддршка на граѓаните ќе значи нула толеранција за катастрофалното владеење на власта.

„Зоран Заев се однесува неодговорно и несериозно. Наместо нови луѓе тој престави стари и потрошени кадри, поголемиот дел некомпетентни и без кредибилитет за областа која ја покриваат се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по денешната прес конференција на Зоран Заев на која ги откри новите членови на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека концептот што Заев го претстави не е нов, туку е истиот што Бранко Црвенковски го промовираше кога тој беше на чело на партијата.

„Промовирањето на ваквиот концепт преставува продолжување на неразбирањето и игнорирање на пораката од граѓаните дека му ги прифаќаат овие луѓе. Ова е продолжување на нивната арогантна теза дека тие не се криви, ним ништо не им фали, тие се најдобрите и дека народот е крив што не ги гласа и е заведен од некаква измислена диктатура“, се вели во соопштението од владеачката партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ со ваквиот кадровски состав, Заев продолжува со неразбирање и игнорирање на пораката на граѓаните и поради ова СДСМ ќе остане со нестабилна политичка гарнитура.

XS
SM
MD
LG