Имаме обврска Македонија да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна. Да си подадеме рака меѓу себе, со нашите соседи и со нашите западни пријатели и да тргнеме заеднички напред кон новите предизвици и да ја градиме и развиваме Македонија.
Ова се дел од пораките што македонскиот државен врв ги упатија по повод Денот на независноста - 8 Септември.
„Пред 23 години, единствени во намерата да бидат свои на своето, македонските граѓани на 8 Септември 1991 година, на нашиот трет Илинден, храбро, решително и одговорно го остварија вековниот сон на нашите претци за слободна, независна и суверена Република Македонија. Во изминатите 23 години доживеавме моменти на славење, но и на разочарување. Се радувавме на стекнатата независност, издржавме пред бројните искушенија и, покрај се`, останавме доследни на нашиот праведен пат. Патот беше трнлив, но ни помогна да изградиме силно чувство за сопствената држава, да бидеме посилни, посплотени и поуспешни“, истакна претседателот Ѓорге Иванов, во честитката до македонските граѓани. Тој заедно со премиерот, министрите, пратеници од сегашниот и од првиот состав на Собранието, дипломатскиот кор во земјава и претставници од политичкиот, културниот, научниот и економскиот живот присуствуваше на Свечената академија по овод 23-та годишнината од прогласувањето на независноста на Република Македонија, што се одржа синоќа.
„Никогаш не престанавме да веруваме и да се бориме за нашето заедничко подобро утре под сонцето на слободата. Таквата упорност, пожртвуваност, национална одговорност и вера ја доведоа Македонија таму каде што е денес. Нашата татковина 23 години чекори по патот на независноста. Нашите граѓани 23 години ја живеат слободата и успешно се носат со одговорноста која доаѓа со независноста, рече во обраќањето претседателот на Парламентот Трајко Вељаноски, потсетувајќи на оној 8-ми септември 1991-та кога 95 проценти од македонските граѓани, одговарајќи на референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“, се изјаснија за независна Република Македонија.
Говорејќи за приоритетите на земјата, Вељаноски истакна дека тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
„Нашиот нов 8 Септември, новиот македонски Илинден ќе биде денот кога Република Македонија ќе се интегрира во Европската унија. На патот до полноправното членство, остваривме голем напредок. Продолжуваме со иста посветеност да работиме на остварување на големата цел на граѓаните на Република Македонија“, рече тој.
На меѓусебно почитување и единство повика и премиерот Никола Груевски во традиционалната честитка по повод одбележувањето на денот на државноста, бидејќи, како што рече, единството гради иднина. „Секој од нас има сон и идеи за својата иднина, но она што е најважно е идејата за заедничка иднина. Идејата дека само сплотени во единство можеме заедно да изградиме сигурна иднина за успешна Македонија“, истакна тој.
За лидерот на опозицијата Зоран Заев, Македонија е пред еден од најсериозните предизвици досега, исто онаков, како и пред 23 години.
Лидерот на СДСМ денеска говореше на пикникот организиран по повод празникот, во околината на Скопје.
„Денеска треба да славиме, но треба и да се запрашаме за ваква ли Македонија мечтаеа и сонуваа Илинденците и членовите на АСНОМ? Македонија стана земја на безнадеж, окупирана од домашни поробувачи, земја на неправдата. Плачат родители по деца кои им бегаат во странство, плачат првачиња и ученици од образовните експерименти, лелеци се слушаат по болничките ходници, ни лекари, ни лекови има, зарази се шират како да сме во Африка.Се` што можеа претворија во камен и ете во 21-век , граѓанинот на Македонија живее во камено доба, во незапаметена сиромаштија во независна Македонија“, рече Заев.
По повод Денот на независноста, трета година по ред се доделува државната награда „8-ми Септември“ во две категории - за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот. Од вкупно 19 кандидати, спортската награда ја добија Ленче Алексовска Величковска,спортски психолог, Ристо Дарлев и Бојан Рангелов за успесите во борењето и Мирослав Петровиќ за достигнувања во боксот. Посебното признание за животно дело му е доделено на Стеван Крстевски за неговите достигнувања во стрелаштвото.