Во Македонија внимателно се следат акциите на косовската полиција во кои досега се уапсени 40-тина џихадисти и поранешни борци во исламистичките формации во Сирија и во Ирак, но Министерството за внатрешни работи тврди дека нема нови информации во однос на влијанието врз безбедносната ситуација во Македонија што би можело да се споделат со јавноста.
Ова денеска го изјави министерката Гордана Јанкулоска, истакнувајќи дека со македонската и косовската полиција имаат потпишано договор за соработка што ја опфаќа и оваа област.
„Во моментов, не постои некој нов момент во поглед на дополнителни проблеми во однос на она што веќе сме го споделиле со јавноста и што може да го споделиме со јавноста за вакви прашања. УБК и воопшто сите безбедносни служби со максимално внимание следат се` што случува и се реагира соодветно. Се разбира, кога станува збор за прашања поврзани со националната безбедност, ограчен е квантумот на информации што може да се сподели со јавноста“, изјави Јанкулоска.
Во земјава нема официјална проценка колку граѓани учествуваат или биле во војните на Блискиот исток и Северна Африка, но во јавноста досега беа објавени имињата на четворица македонски државјани, жртви во конфликтот во Сирија, борејќи се на страната на бунтовниците. Македонските закони не предвидуваат санкции за учесници во странски војни. Со измените на Кривичниот законик на почетокот на годинава, предвидени се само казни за врбување борци за странски војски, и тоа од една до пет години затвор.
Измената е по иницијатива на поранешениот министер за внатрешни работи, сега пратеник, Павле Трајанов, кој смета дека казни мора да има и за учесниците во конфликтите.
„Треба да има казни и за самите учесници, и тие треба да одговараат. За организаторите може да биде повисока, но за секој што ќе учествува треба да има санкција“, вели Трајанов, додавајќи дека можно е наскоро да предложи амандман за воведување казни за учеството во конфликти во странство.
Но овој процес, за професорот по меѓународно право Методи Хаџи Јанев, не е едноставен и лесен.
„Првиот обид тоа да се направи на меѓународно ниво е со конвенциите за платеници во конфликтите. Од една страна е правото на работа - приватните воени компании, кои беа и се вклучени во функционирањето на коалициските сили во Ирак и во Авганистан. Од друга страна е хуманитарното право - како да спречите некого да ги изрази своите чувства и да се бори на страната во која верува“, смета Хаџи Јанев.
Доколку нема санкции за учесниците во вакви конфликти, дополнителен проблем за земјата, според експертите е опасноста од самото нивно присуство на домашно тло. Токму тоа, според нив е причината зошто земјите од регионот како Косово и Босна и Херцеговина бараат решенија за справување со нив: нивната милитантна матрица на размислување и однесување и како потенцијални генератори за ширење на верскиот радикализам.
„Тоа се лица што се обучени да спроведуваат комплексни воени и терористички операции, како и да користат експлозиви и разни видови оружје, што не е во согласност со интересите на нашата земја“, смета Трајанов.
„Дури и еден македонски државјанин да се бори на која било страна во Сирија, ние мора да стравуваме од соодветна реакција на двата завојувани ентитета во тамошната граѓанска војна. Токму затоа навремено дипломатски, воено или полициски треба да пресечеме и додека не е доцна да докажеме дека преку нашата држава не заземаме страни. Токму на овој начин транспарентно ќе покажеме дека сето она што се случува во Сирија е индивидуален чин на наш државјанин, а не државна политика“, смета докторот на воено-политички науки, Благоја Маркоски, инаку полковник во пензија.
Она што сепак, според експертите, дава надеж дека верскиот фанатизам не може да „фати“ корени овде е и податокот дека бројот на оние што војуваат на боиштата во Сирија, Либија или Ирак е мал. Според неофицијални проценки бројот на доброволците - фанатици од Босна, Косово, Албанија, Македонија, Србија, Хрватска и од Бугарија е околу 600.