Линкови за пристапност

Европа ја засилува помошта за Ирачаните кои бегаат пред милитантите


Британија, Франција и Германија преземаат акции за помагање на илјадниците заглавени на Планината Синџар.

Европа ја засилува помошта за илјадници Ирачани кои се обидуваат да ја избегнат агресијата на милитантите од Исламската држава во северен Ирак.

Британија и Франција доставија вода, храна и соларни светилки на Планината Синџар во вторник за да им помогнат на бегалците Јазиди и други религиозни малцинства кои се заглавени на врвот на планината. Британија вели дека испраќа помош во северен Ирак вредна седум милиони долари и го испратила авионот за набљудување Торнадо за да добие подобра слика за ситуацијата на теренот.

Германија планира да испрати опрема, како возила, направи за ноќно гледање и детектори за бомби во регионот, додека Европската унија вети седум милиони долари во помош. Но шефицата за хуманитарна помош на ЕУ, Кристлина Георгиева, предупреди дека за ослободувањето на оние на планината „парите се помал проблем отколку пристапот“.

Со помош на курдските сили во регионот, над 20.000 од бегалците успеале да избегаат од Синџар последниве денови, но илјадници се` уште се таму, со недоволно вода и храна.

Додека се развива хуманитарната криза на северот, поддршката за Хајдер ал-Абади за следен премиер, расте. САД изразија поддршка за Абади, а му честиташе и соседен Иран. Досегашниот премиер Нури ал-Малики има се` помалку поддршка, но тој се надева да го продолжи неговото осумгодишно владеење со трет мандат.

Американскиот државен секретар Џон Кери го поттикна Абади да формира нов кабинет колку што е можно побрзо и вети поддршка за Ирак во борбата против Исламската држава.

Серпак, Кери од Австралија порача дека нема враќање на американските борбени сили во Ирак, нагласувајќи дека државата се соочува со борба и дека победата самите Ирачани треба да ја извојуваат.

XS
SM
MD
LG