Либериски официјални лица се борат да се справат со зголемениот број тела на жртви на ебола оставени непогребани во населби погодени од смртоносниот вирус.
Извештаи во локалните медиуми велат дека преоптоварениот здравствен систем довел телата да бидат оставени непогребани во некои заедници и по неколку дена. Еден извештај вели дека околу 37 тела биле најдени во неделата во една област на главниот град, Монровија.
Министерот за информации на Либерија Луис Браун за Гласот на Америка изјави дека официјалните лица не биле подготвени за негативните реакции што ги добиваат од заедниците:
„Гледаме отпор во заедниците кои не сакаат овие поединци да бидат погребани во нивните заедници“.
Браун кажа дека како резултат претседателката Елен Џонсон Сирлиф наредила кремирање на телата поврзани со ебола.
Натрупувањето на телата доаѓа во време кога Светската здравствена организација објави нови цифри за вирусот на ебола, известувајќи за нови смртни случаи во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне. Извештајот вели дека бројот на жртви сега е 887 лица, вклучувајќи 255 лица во Либерија.
Во меѓувреме, специјално опремен авион ја изнел американската мисионерка која била заразена од ебола од Либерија, рано во вторник.
Ненси Рајтбол се очекува да пристигне во САД подоцна во вторник. Таа ќе биде третирана во болницата на Универзитетот Емори, во Атланта, заедно со американскиот лекар кој се заразил со смртоносниот вирус додека третирал пациенти во Либерија.
Христијанското добротворно друштво Самаритан Пурс вели дека доктор Кент Брантли добил доза на експериментален серум серум пред да ја напушти Либерија, и добил крв од 14-годишно момче кое преживеало Ебола под негов надзор.
Во понеделникот официјални лица во болница во Њујорк кажаа дека лице со висока температура и проблеми со органите за варење пристигнал во одделот за итна помош и брзо бил изолиран. Тие велат дека пациентот неодамна патувал во западноафриканска држава каде е пријавена ебола, и сега се во тек да се утврди причина за болеста. Не се дадени други детали.