Линкови за пристапност

Деца од градинката „Срничка“ готвеа според рецептот на Џејми Оливер


Тие беа македонските претставници кои дадоа придонес во одбележувањето на Денот на револуцијата во исхраната

Огромно виножито од природни бои, но и природни вкусови, подготвија вредните рачиња на децата од градинката „Срничка“ во скопската општина Аеродром.

Тие беа македонските претставници кои дадоа придонес во одбележувањето на Денот на револуцијата во исхраната, иницијатива на фондацијата на планетарно популарниот готвач Џејми Оливер, во која учествуваат 72 земји во светот.

Цвекло моркови, зелка, круши, сирење, јогурт, магдонос и маслиново масло, се дел од продуктите што околу 100 дечиња ги мереа, ги рендаа и ги мешаа, создавајќи ја салатата „Виножито“ според рецептот што го напишал лично Оливер, и внимателно следејќи го предложениот начин на подготовка. На малите готвачи им помогна и министерот за труд Диме Спасов.

„Како Министерство за труд и социјална политика со задоволство се вклучивме во организацијата за одбележување на овој ден кој што се одбележува во повеќе од 70 земји во 660 градови ширум светот. Целта на манифестацијата е да се истакне важноста на здрава исхрана за правилен раст и развој на дечињата уште од најмала возраст“, вели министерот Спасов.

Денешниот настан, за овие дечиња од предучилишна возраст беше и повеќе од забава. Тие преку подготовката се запознаваа и со хранливите состојки на продуктите, употребени во здравата салата.

Платформата Food Revolution e основана во 2010 година, како кампања и борба против епидемијата од дебелина и болести предизвикани од конзумирање нездрава храна. Целта е да се искористи денот и за подигнување на свеста околу важноста од добри училишни програми за храна.

„И покрај тоа што главниот фокус се децата, не е целта само тие да бидат вклучени во оваа иницијатива. Како и претходните години, целта е амбасадорите да ги поттикнат членовите на заедницата да организираат настани дома, во школите, на работа и во пошироката заедница – пикници, тури по продавници за храна, вечери и часови за готвење – со фокус на добрата и здрава храна и со цел споделување информации и вештини“, вели амбасадорот на иницијативата во Македонија, Маја Лазревска.

Во следните денови Food Revolution Караванот продолжува во општините Кратово и Делчево.
XS
SM
MD
LG