Линкови за пристапност

САД: Русија е одговорна за евакуирање на проруските милитанти од украинските згради


И покрај договорот постигнат во Женева, милитантите не ги напуштаат запоседнатите згради

САД велат дека Русија има „одговорност“ да ги повика проруските милитанти кои ги окупираат владините згради во источна Украина да се евакуираат.

Портпаролката на Стејт Департментот Џен Псаки во петокот кажа дека ако Русија не преземе чекори да ја деескалира ситуацијата и да го имплементира договорот со Украина од четвртокот, со цел да се намалат тензиите ќе има „последици“.

Лидерот на милитантите Денис Пушхилин кажа дека неговите луѓе не се обврзани со договорот и ќе се повлечат само откако украинската влада даде оставка.

Псаки кажа дека САД ги отфрлаат тие изјави и тврдењето на сепаратистите дека новата украинска влада ја презела власта со пуч.

Договорот уследи по разговорите меѓу Украина, Русија, САД и ЕУ. Тој повикува сите владини згради да бидат евакуирани и милитантите да бидат разоружени.

Но тој вклучи малку конкретни мерки за прекин на кризата, и многумина западни лидери се скептични дека Русија ќе го одржи својот дел на договорот.

Американскиот претседател Барак Обама кажа дека Вашингтон ќе продолжи да ги подготвува санкциите против Русија во случај таа да не преземе чекори за деескалирање на ситуацијата.

Заедничката изјава од четирите сили вели дека ќе им биде дадена амнестија на демонстрантите кои ќе го предадат оружјето и ги напуштат зградите освен за оние кои ќе бидат најдени за виновни за големи кривични дела.
Украинскиот премиер Арсениј Јацењук на парламентот денеска кажа дека неговата влада ќе го исполни ветувањето за давање амнестија.
XS
SM
MD
LG