Линкови за пристапност

Дури и позитивни стереотипи не се добри


За Азиските Американци во САД често се мисли дека се „модел малцинство“, но дури и за самите нив ова е проблем.

Во држава составена од различни култури, секоја малцинска група во САД се чини дека има стереотип, често негативен. Но Азиските Американци често се сметаат за „модел малцинство“.

Филипинскиот Американец Едвин Сантос вели дека негова поранешна шефица му рекла дека Филипинците или Азијатите многу работат. Потоа таа вработила повеќемина од истата група.

Кинеската Американка Џој Чен вели дека слични се погледите во училиштата. Таа вели дека наставниците очекуваат од Кинеските Американци добро да се покажат, што може да биде охрабрување. Но како поранешна вработена во градската управа на Лос Анџелес, таа вели дека оваа перцепција може да им помогне на Азиските Американци, но тоа исто така може да зајакне лажни стереотипи за други култури. Зашто, вели, од многумина слушнала дека причината што Мексиканците и црнците не одат на колеџ е заради нивната култура, зашто тие не го вреднувале образованието како белците и Азијатите. Таквите ставови можат да нанесат многу штета, вели таа.

Кристина Вонг, уметничка, вели дека стереотипот на „модел малцинството“ може исто така негативно да влијае на луѓето од азиско потекло. Една од нејзините претстави се занимава со менталното здравје на заедницата.

„Бидејќи фасадата е дека тие се совршени, се` прават добро, убави се, немаат проблеми, дека се генетски предиспонирани да бидат перфектни. Затоа не ги гледаме проблемите кои постојат под површината.


За да се прекршат стереотипите, Вонг го истражува прашањето на менталното здравје, депресијата и самоубиствата меѓу азиско-американските жени.

Проблемите на менталното здравје може делумно да бидат резултат од неволноста да се побара психијатриска помош, според Џеневева Ерин О`Браен, која предава Азиско-американски студии.

„Азиските Американци имаат мултикултуен, двокултурен однос кон идентитетот и понекогаш кај Јапонски Американци од четврта генерација, на пример, може да има дистанцирање од односот кон менталното здравје. Тоа е се` уште стигма“.

Вонг исто така ги истражува расните стереотипи кои инволвираат романтични врски, особеноне-азиски мажи кои бараат исклучиво азиски жени.

„Не ми се допаѓа идејата расата да се сведува на визуелна естетика“, вели Вонг.

Но не мислат сите дека тоа е проблем. Меѓу нив се Шенен Суианоа и Ајдан Восуги. Тие велат:

„Ако тоа ве привлекува, тука нема помош“.

„Ако расната или етничка преференца не се манифестира на штетен начин, како непримерно однесување спрема различни луѓе, не гледам проблем.“

Но О`Браен вели дека кај некои мажи ова отишло подалеку од едноставно преферирање. Азиско-американските жени се очекува да се девици, и во исто време хиперсексуални, вели таа.

Таа вели дека исто така има и предрасуди за азиско-американските мажи.

„Често е присутна идејата дека американско-азиските мажи се помалку мажи, дека не се мачо.“

За справувањето со овие стереотипи, во училница или на сцена, Кристина Вонг вели дека е важно да се зборува за нив отворено, така што лажните перцепции може да бидат коригирани.
XS
SM
MD
LG