Линкови за пристапност

Мнозинството го изгласа Законот за аудио и аудиовизуелни услуги


Додека на говорницата беше министерот Иво Ивановски, присутните новинари на собраниската галерија поставија транспарент „Не во наше име!“

На денешната 72 седница на Собранието на Република Македонија, парламентарното мнозинство со 62 гласа „за“ го изгласа Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, без претставници на опозицијата во парламентот.

Покрај протестот на опозицинерите, и директно засегнатите, револтираните новинари, како да беа затечени од постапката на власта која по куса постапка, успеа во претпразничниот период, да ја донесе четвртата варијаната на контроверзниот закон, што со години наназад беше критикуван и во земјата и во странство.

Иако мнозинството новинари беа против двата закона и веќе неколку месеци ги прекинаа контактите со власта околу законите, наводниот компромис на раководството на ЗНМ и Владата ги доведе во мат позиција.

Челникот на ЗНМ Насер Селмани, кој присуството на саботниот прес на министерот Иво Ивановски и легитимирањето на одлуката на Владата за ставање на законот на дневен ред на собраниска седница, го образложи со обид на власта за спин, изјавувајќи дека веќе никогаш нема да му верува на министерот, дека ЗНМ и понатаму е против законот за кој воопшто нема преговори и дека тој е „немоќен да и се спротивстави на Владата, која ќе го донесе Законот“.

Сепак, пресудно за донесување на законот беше тоа што по четири месеци се премисли и коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Демократска партија за интеграција, чија пратеничка, Сузана Салиу образложи:

„Ќе гласаме за овие предлози затоа што ние сме свесни дека медиумската култура сега веќе е нов политички критериум кој ни го постави Европската комисија. Ние се надеваме дека донесувањето на овие два предлог закони ќе придонесе во градење на оваа нова медиумска култура. Ги поддржуваме овие предлог закони во знак на доверба за дијалогот што го имаше Владата со ЗНМ, во знак на доверба кон поддршката на овој процес, која ја дадоа меѓународните фактори-САД, ЕУ, ОБСЕ. Донесуваме закони во согласност со европските стандарди за новинарство“, рече Салиу.

Опозициските пратеници настапија со жестоки обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат заеднички коалициски интереси и имаат за цел искористување на медиумите „на претстојните избори“. Горан Мисоски од НСДП рече дека законите се неприфатливи, дека против ваквите закони се изјасниле сите релевантни новинарски здруженија, и му порача на министерот да се сврти кон новинарската галерија и да ги погледне новинарите, кои го држеа транспарентот „Не во наше име!“.

„На министерот Ивановски, не му верува не само опозицијата, туку и новинарите. Власта нема да направи ништо повеќе од она што го замислил Никола Груевски - да настане целосен медиумски молк“, изјави Мисовски

А Весна Бендевска од СДСМ, обвини дека ДУИ го променила ставот за законот, поради ветеното заменичко место во новата Агенција за медиуми.

„Ветивте, е па министре, ајде, пред цела македонска јавност да видиме што ветивте и зашто ДУИ нагло го смени ставот дека нема да поддржи вакви закони зашто се косат со европските стандарди. Колегите од ДУИ издејствувале, сте им ветиле заменичко место на директорот во Агенцијата за медиуми. Цената на ДУИ е 1.600 евра, ама вистинската цена е цензура, медиумски мрак, нема веќе независни медиуми! Јавноста мора да знае дека ваквите скандалозни закони ги аминуваат од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ“, рече Бендевска.

Собранието попладнето ја почна и расправата по Дополнетиот предлог-закон за медиуми во второ читање, а покрај Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој смета дека Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги „ќе им помогне на оние кои сакаат новинарската професија да ја извршуваат професионално“, и министерот за информатичко општество Иво Ивановски беше дециден дека на првата следна седница на Владата ќе ги достави предлог амандманите за двата закона:

„Со претставниците на ЗНМ договоривме дека ќе се изостават електронските публикации, а печатените медиуми ќе имааат само обврска за импресум. Дополнително во период од пет до шест месеци ќе дискутираме за МРТ“.

Иако правни експерти излегоа со став дека е бесмислено да се донесат закони по итна постапка, а потоа амандмански да се менуваат, министерот не ги коментираше ваквите обвиненија.

Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис денес изјави дека транспарентот „Не во наше име!“, бил со цел да се покаже дека новинарите не му даваат легитимитет на законот за медиуми. „Сметаме дека со тој закон не се решаваат клучните проблеми, се отвараат нови. И самиот начин на кој се водеше квази дебатата за овој закон и целата борба што ја водевме веќе осум месеци, кажува каков однос имаат оние што го предлагаат кон медиумските oрганизации и кон новинарите во оваа земја“, рече Чаусидис.

Бројни медиумските здруженија и невладини организации бараа повлекување на контроверзните предложени законски решенија, но министерот Ивановски, и покрај сите негативни оценки на меѓународните организации за состојбата со медиумските слободи во Македонија, изјави дека власта „има поддршка од ОБСЕ, од ЕУ и од САД“.

Иако и Самостојниот синдикат на новинарите и Македонскиот институт за мадиуми и Центарот за развој на медиуми и Фронтот за слободно изразување, децидно се изнесоа дека се против законот за медиуми, а една од главните забелешки во Извештајот на Европската комисија е загриженоста за нискиот степен на слобода на изразување и за состојбата со медиумите во земјата, Владата до денес на јавноста и` нема одговорено на прашањата за своите скапи реклами во селектирани медиуми, за статусот на новата Агенција за медиуми, за состојбата со јавниот сервис – МРТВ, како и за обидите на власта да изготви своја, нова дефиниција за професијата новинар.
XS
SM
MD
LG