Линкови за пристапност

Буџетот за 2014-та: за власта - развоен, за опозицијата - изборен


Собраниската расправа ќе трае до крајот на неделата.

Во Собранието започна пленарната седница за буџетот за наредната година. Од првиот ден на расправата, која ќе трае до крајот на неделата, може да се заклучи дека ставот на власта е дека предлог-буџетот е развоен, додека за опозицијата тој е во функција на изборите најавени за наредната година.

Буџетот предвидува догодина државата да потроши 2,9 милијарди евра, а да собере 2,5 милијарди. Буџетскиот дефицит е позициониран на 3,5%. Растот на економијата, според проекцијата, ќе изнесува 3.2 %.

Ќе нема зголемување на даноците во идната година, ниту нови даночни или какви било други оптоварувања за бизнисмените, најави министерот за финансии Зоран Ставрески.

„Буџетот е најважниот документ на економската политика на државата, па затоа ве повикувам на сеопфатна расправа за прашањата кои се од најголемо значење за животот на граѓаните“, рече Ставрески.

Според него, буџетот за идната година ќе донесе повисок и подинамичен раст, со кој исто така ќе се задржи и социјалната стабилност. Повисокиот економски раст ќе се постигне со капиталните инвестиции, кои, според министерот, заедно со оние од ЈП за патишта, ќе изнесуваат вкупно 525 милиони евра и се повисоки од оваа година; потоа, со работењето на странските компании во слободните зони, чиј извоз веќе достигнал 20 отсто од вкупната вредност на македонски стоки што се извезуваат; и, преку евтините кредити од Европската инвестициска банка што ги обезбедила Владата во износ од 100 милиони евра, со кои фирмите ќе добиваат кредити со поволни камати од 5,5 отсто. Дополнително, според министерот, се очекува да придонесе и очекуваното заздравување на европската економија. Социјалната стабилност, пак, би се задржала преку повисоките плати и пензии, како и со нови социјални надоместоци што се воведуваат, а ќе се додели и највисока сума на земјоделски субвенции од 140 милиони евра.

Македонија пак ќе остане ниско задолжена, рече министерот. Ставрески потенцираше дека економскиот раст не е случаен, туку дека се должи на правилните економски политики на Владата.

Од опозицијата, пак, велат дека буџетот е изборен, а не развоен. Буџетот за 2014-та година е буџет на желби за нов мандат, сметаат опозиционерите.

Опозиционерите од албанскиот политички блок веќе оценија дека буџетската каса е дискриминаторска и не подржува проекти во региони каде мнозинството е етнички албанско население.
XS
SM
MD
LG