Линкови за пристапност

Признанија за припадници на АРМ за службата во Авганистан


Припадници на Полкот за специјални операции и на Баталјонот на Воена полиција добија медали за нивните високи резултати за време на учеството во рамки на мисијата ИСАФ

79-темина припадници на АРМ во Авганистан задачите ги извршуваа заедно со припадниците на Националата гарда на Вермонт и на американската армија во деветмесечната ротација во 2010 година, во југоисточниот и во северниот дел на Авганистан. Според медиумите, генералот Креј денес потенцирал дека му е чест што им доделува медали на припадниците на АРМ, како признание за нивната храброст при извршувањето на задачите, со припадниците на Националната гарда на Вермонт, а началникот на Генералштабот на АРМ Горанчо Котески истакнал дека одликувањата се резултат на обученоста, храброста, достигнатите стандарди и успешното извршување на задачите на припадниците на АРМ во мировната операција.

Според него, мировниците од АРМ, ги исполниле очекувањата и го потврдиле партнерство со припадниците на Националната гарда на Вермонт и на американската армија. Како што било истакнато, наменските сили „Феникс“ во Авганистан „ги обучуваа авганистанската армија и полиција, изведуваа заеднички операции за поддршка на мирот и стабилноста, обезбедуваа високи личности од НАТО и ИСАФ, и делуваа со коалициските сили на НАТО и САД за поддршка на авганистанската армија и полиција во изградбата на демократијата во Авганистан“.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денес го прими генерал-мајорот Креј, со кого разговарале за реформскиот процес во одбраната на Република Македонија, и за достигнувањата на АРМ и на Националната гарда на Вермонт во заедничкото учество во меѓународните мировни мисии. Генерал-мајорот Креј денес разговарал и со министерот за одбрана Талат Џафери за заедничкото учество на АРМ и на Националната гарда на Вермонт во мировните мисии, но и за меѓусебната соработка на полето на обуките и образованието, при што, министерот Џафери потенцирал дека МО и АРМ се насочени кон континуиран развој на соработката.

Вчера, на високата делегација на Националната гарда на Вермонт, предводена од командантот, генерал-мајорот Креј, за време на посетата кај началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковникот Котески им била презентирана трансформацијата на АРМ, долгорочниот план за развој на одбраната и поддршка на меѓународните мисии, а имало и разговори за учеството во ИСАФ и за јакнењето на понатамошната соработка.

Преку програмата на двете армии, од 1995 година до денес се спроведени над 450 заеднички активности и е реализирана обука на над 3.000 припадници на АРМ. Според началникот Котески стратегиското партнерство треба да пример и за останатите земји од регионот, за изведување на заеднички вежби со војници од сојузните држави на САД, за зголемување на безбедноста во регионот.

„Македонската армија нема да биде само тренирана, туку во иднина ќе биде и тренер на останатите армии во останатите контигенти, заедно со Националната гарда на Вермонт“, најавил вчера Котески, а генералот Креј потенцирал дека е горд на соработката со АРМ: „Националната армија на Вермонт и АРМ заеднички реализираа голем број значајни мисии. Нашата соработка помеѓу вооружени сили е од исклучителна важност за поплочување на патот кон идна соработка“.
XS
SM
MD
LG