Линкови за пристапност

Откриен град на Маите во дождливите шуми на Мексико


Изгрејсонце: храмот Кукулкан во градот на Маите Чичен Ица.
Изгрејсонце: храмот Кукулкан во градот на Маите Чичен Ица.

Археолозите се надеваат дека ќе даде назнаки како пропаднала оваа прастара цивилизација пред речиси 1.000 години.

Археолозите открија град на Маите што со векови бил сокриен во дождливите шуми на источно Мексико. Откритието би можело да даде информации како пропаднала оваа прастара цивилизација пред речиси 1.000 години.

Екипата, предводена од професорот Иван Спрајц од Словенечката академија на науки и уметности, открила комплексна населба со вкупно 15 пирамиди (од кои едната е висока 23 метри), спортски терени, плоштади и спомен-плочи (стели).

Научниците го нарекоа градот Чактун (Црвена или Голема карпа). Спрајц вели дека најверојатно имал помалку жители од градот на Маите Тикал во Гватемала, но дека во него живееле 30.000 до 40,000.

Чактун својот процут го доживеал во доцниот период на цивилизацијата на Маите, од 600-тата до 900-тата година од нашата ера.

Наодите на екипата на Спрајц ги потврди Мексиканскиот национален институт за антропологија и историја. Истражувањето го финансираше Националното географско здружение и две европски компании.

Спрајц наведува дека градот се простирал на 22 хектара. Се наоѓа на 120 километри западно од градот Четумал.

“Целиот град е покриен од џунглата“, вели словенечекиот професор.

Иако академскиот свет не знаел за неговото постоење, Спрајц нашол докази дека други луѓе го посетиле пред 20 до 30 години, најверојатно дрвосечачи.

Спрајц се посомневал дека на локацијата постои град кога разгледувал фотографии направени од воздух што пред 15 години ги направила мексиканската Национална комисија за проучување и користење на биолошката разновидност.

Неговата екипа цели три недели се пробивала низ џунглата, минувајќи 16 километри.

Фактот дека во градот има повеќе спортски терени е индикација дека Чактун бил мошне важно место, смета Спрајц. Наверојатно бил напуштен околу 1000-та година, можеби поради демографски притисок, климатски промени, војна или бунтовништво.

Научниците очекуваат местото да понуди вредни информации за односите меѓу различните региони на империјата на Маите.
XS
SM
MD
LG