Линкови за пристапност

Осуда и сочувство од светот по бостонскиот бомбашки напад


Странските лидери и влади од светот се огласија по нападот на Бостонскиот маратон, што остави најмалку три лица мртви и десетици повредени.

Од Ватикан, папата Францис рече дека е „длабоко разжалостен“ од веста за нападите и дека се молел сите бостонци да бидат „обединети во определбата да не бидат надвладеани од злото, туку против злото да се борат со добро“.

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, изрази „длабок шок“ по нападот и понуди сочувство за погодените. Во изјава дадена по тој повод, Расмусен кажа дека неговите мисли се со луѓето од Бостон и со целите САД.

Претседателот на Европската унија, Херман Ван Ромпуј, ги осуди нападите и изрази увереност дека извршителите ќе бидат изведени пред правдата.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, го нарече „бесмислено насилство“. Тој кажа дека инцидентот е дотолку поужасен заради фактот што се случил на настан познат по „зближување на луѓето од цел свет во спортски дух и хармонија."

Пакистанската Канцеларија за односи со странство ги осуди „терористичките напади“ и кажа дека владата и луѓето на Пакистан се „длабоко шокирани и изненадени“ од овој „подол акт“.

Во меѓувреме, Пакистански Талибан, кој во минатото преземал одговорност за обидени напади во САД, негираше каква било улога во бостонското бомбардирање.

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи исто така го осуди нападот „со најсилни можни зборови“. Нудејќи жалење и сочувство на семејствата на жртвите, Карзаи кажа дека оние во неговата земја „подобро ја чувствуваат болката и страдањето што произлегува од такви инциденти".

Организацијата Исламска соработка исто така силно ги осуди „кукавичките напади“. Во соопштение, организацијата кажа дека се бори против тероризмот во сите негови форми и понуди сочувство, молитви и поддршка за граѓаните на Бостон.

Во Индија, премиерот Манмохан Синг одговори со изрази на „солидарност со американскиот народ во борбата против тероризмот“. Синг ја понуди полната поддршка на Индија во истрагата на нападот.

Сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд зборуваше против нападот на невини спортисти и нивни подржувачи, нарекувајќи го бомбардирањето „најизопачен и зол акт на кукавичлук“.

Сомалиската бунтовничка група Ал-Шабаб, во меѓувреме ги исмеваше повредените и убиените во двојната експлозија. На својата страница на Твитер на англиски јазик исламистичката група кажа дека нападот претставува само „трошка“ од болката што американските војници ја нанесуваат на невините Муслимани низ цел свет.

Никој се` уште не ја презел одговорноста за нападот.
XS
SM
MD
LG