Линкови за пристапност

Македонија и натаму „делумно слободна“ земја


Македонија е во групата делумно слободни земји, според најновиот годишен извештај на организацијата за заштита на демократијата, Фридом хаус. Статусот на земјата е непроменет од минатиот извештај, во кој исто така доби оценка 3,0 според обата критериума - политичките права и граѓанските слободи. Во вреднувањето на Фридом хаус, слободни се оние земји кои имаат оценка од 1,0 до 2,5, делумно слободни - од 3,0 до 5,0, а неслободни од 5,5 до 7.

Од земјите во регионот, слободни се Бугарија, Грција, Србија, Словенија, Хрватска и Црна Гора. Грција сепак бележи надолен тренд поради „значителното зголемување на насилството од крајната десница, на чело со партијата Златна зора, насочено против имигрантските групи, нивните поддржувачи и политичката левица, како и поради недоволната полициска заштита од ваквото насилство“.

Покрај Македонија, демуно слободни во соседството се Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.

Фридом хаус ги дефинира делумно слободните земји како оние во кои постои ограничено почитување на политичките права и граѓански слободи и кои патат од клима на корупција, слабо владеење на правото, етнички и верски борби и политичка ситуација во која една партија доминира, и покрај извесно ниво на плурализам.

Глобално, Фридом хаус наведува дека седма година по ред слободата во светот доживеала повеќе уназадување отколку напредок. Политичките права и граѓанските слободи се подобриле во Либија и Египет, но затоа се намалиле во Русија, Нигерија и други 25 земји. Во годишниот извештај стои и дека покрај нападот на американскиот конзулат во Бенгази на 11- септември 2012-та, Либија всушност направила напредок кон слободата во текот на таа година. Во Русија, од изборот на Владимир Путин за претседател, владата се обидува да ја замре слободата на изразувањето и јавниот протест, оценува организацијата.

Фридом хаус на 90 земји им дава статус - слободни, што е повеќе за три од минатата година. Но, од друга страна, 27 зачекориле назад во однос на слободата на здружување, изразување и на медиумите.
XS
SM
MD
LG