Линкови за пристапност

Скок од границата меѓу Земјата и вселената


Австриецот Феликс Баумгартнер стана првиот падобранец кој го проби звучниот ѕид.

Австриецот Феликс Баумгартнер стана првиот падобранец кој го проби звучниот ѕид со скокот од преку 39 километри височина над пустина во Ново Мексико.

„Кога стоев таму, на врвот на светот, почувствував толкава скромност што повеќе не мислев на соборувањето на рекорд. Не мислев на собирање на научни податоци. Единствено посакав да се вратам жив, бидејќи не сакав да умрам пред родителите, девојката и пред сите луѓе кои го следеа настанот – тоа ми беше најважно. Понекогаш треба да се искачите високо, за да видите колку сте мали“, изјави Баумгартнер на прес-конференцијата по историскиот скок.

Брајан Јутлеј од Меѓународната федерација за спортска авијација истакна дека Баумгартнер за време на скокот достигнал максимална брзина од 1.342 километри на час, станувајќи прв човек во историјата кој постигнал суперсонична брзина без да патува со авион или вселенско летало.

Баумгартнер го проби звучниот ѕид откако со хелиумски балон се искачи на височина од точно 39.045 метри, по што скокна. Со скокот на границата меѓу Земјата и вселената, тој го собори и 52-годишниот рекорд за највисок скок со падобран. Безбедно се приземји 10-тина минути откако скокна од капсулата носена од балонот.

Баумгартнер собори уште еден рекорд – во бројот на лица кои преку Интернет во живо го следеа неговиот потфат. Според информациите, над осум милиони преку Ју тјуб го проследиле подвигот на Австриецот.
XS
SM
MD
LG