Линкови за пристапност

Македонија: Повредени чувства заради дезинформација

  • Синиша Станковиќ

ЗНМ и СРД повикуваат на професионалност и одговорност на новинарите и на медиумите, по дезинформацијата за наводно убиени грчки студент со македонско потекло во Солун.

Здружението на новинарите на Македонија од своите членови и од новинарите во државата побара првенство на професионалниот однос и одговорноста пред ексклузивноста и сензацијата. Советот на честа на асоцијацијата на македонските новинари повика на професионален однос, на етичко однесување и на почитување на Кодексот на новинарите, по повод објавувањето на информацијата на јавниот сервис МРТВ, но и на бројните други медиуми, дека грчки државјанин со македонско потекло, наводно бил убиен во Солун од припадници на националистичката грчка партија Златна Зора.

Во соопштението на Советот на честа, се вели дека и по неколку дена, ниту една надлежна институција во Македонија и Грција не ја потврдиле информацијата на МРТВ, со што станува јасно „дека немало никакво убиство и дека станува збор за невистина и дезинформација, со која јавноста е доведена во заблуда, предизвикан е немир меѓу луѓето, а нивните чувства се повредени“. Според Советот, медиумите и новинарството имаат посебна и важна улога во општеството и затоа во новинарството како професија, не е дозволен „несериозен однос, импровизација и непрофесионалност, како што тоа е направено во случајот со објавувањето на веста за наводното убиство на македонскиот студент во Солун“.

„Зарем на уредници и медиуми со децениско искуство треба да им се укажува што и кој е официјален извор на информација и колку „тежи“ вест која потекнува од објава на социјалните мрежи?“, прашува Советот, кој додава дека со непрофесионалноста и неетичкиот однос, спротивен на одредбите од Кодексот на новинари, новинарите ја девалвираат својата професија.

И Советот за радиодифузија во своето денешно соопштение ги повика медиумите да ги почитуваат професионалните новинарски стандарди и принципи и да избегнуваат сензационализам во известувањето. СРД очекува - медиумските професионалци да објавуваат само проверени информации: „Законот за радиодифузната дејност во програмските стандарди, меѓу останатото, налага радиодифузерите во нивните програми да го поттикнуваат духот на толеранцијата, заемното почитување и разбирање меѓу индивидуите од различно етничко и културно потекло, да поттикнуваат меѓународно разбирање и соработка, да го развиваат чувството на јавноста за правичност и за одбрана на демократските слободи“.

Но, и покрај ваквиот дециден став на еснафската организација и на државната институција задолжена за функционирање на електронските медиуми, засега, само еден од уредниците во националната ТВ куќа, се извини на јавноста. Уредникот на информативната програма на МТВ, Горан Петрески, потенцираше дека е подготвен да ја превземе и целосната одговорност, односно да се повлече од позицијата на која неодамна беше назначен, „ако така процени јавноста“:

„Jа прифаќам грешката што си дозволивме да објавиме информација што се темелеше на два, односно три извора - електронските изданија на „Македонска Нација“ и „Македонска Зора“, која за МТВ ја потврди претседателот на СМК, Тодор Петров. Требаше информацијата да ја потврдиме и од трет независен извор. Во оваа пригода, им се извинувам на гледачите за забуната и паниката која што ја предизвикавме... Во 21 година независност на оваа држава се случуваа авионски несреќи и други различни трагедии, и никому за тоа не му фали влакно на главата. Но, ако јавноста цени дека е потребно за развојот на демократијата и медиумите, јас сум подготвен да ја превземам целосната одговорност за случајот“, изјавил Петрески.

На прашање на ТВ Алфа, директорот на јавниот сервис МРТВ Марјан Цветковски изјавил дека одговорите треба да се бараат кај уредниците, бидејќи тој и по закон не смеел да се меша во тој сегмент од работењето.

Тука некаде, засега, завршува и прашањето за одговорноста за медиумската шпекулација која се заканува да прерасне во политички, но и меѓудржавен скандал. Зашто, и еврокомесарот за проширување на Унијата, Штефан Филе, кој на својот твитер-профил веднаш по обелоденувањето на шпекулација, изрази загриженост, за време на вчерашната посета на Атина давал објаснувања за грчките новинари дека целта не му била да ја зголеми еуфоријата што се прошири низ социјалните медиуми, туку само сакал да повика на смиреност и да побара целосна истрага за фактите.

Откако, дел од експертите во денешните изданија на печатените медиуми на македонски јазик побараа и премиерот Никола Груевски лично, јавно да се изјасни за изјавата на претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, зашто според нив, изјавата на Петров повлекува кривична и етичка одговорност, за него и за МРТВ како медиум, Јавниот обвинител Љупчо Шврговски, се` уште не излегол со став - дали Обвинителството ќе отвори и истрага.

Во меѓувреме, провладиниот „Вечер“ веќе ја затвори темата, повикувајќи се на конзулот на Република Македонија, во Солун, Томислав Димитровски, според кого нема потврда дали воопшто постои лицето Александар Самарџиев.
XS
SM
MD
LG