Линкови за пристапност

Јужнокорејскиот претседател прогласи воена состојба, ја обвини опозицијата за антидржавна активност


Граѓаните го гледаат покривањето на вестите за прогласувањето воена состојба на јужнокорејскиот претседател Јун Сеок-Јол на автобускиот терминал во Сеул, Јужна Кореја, на 3 декември, 2024 година
Граѓаните го гледаат покривањето на вестите за прогласувањето воена состојба на јужнокорејскиот претседател Јун Сеок-Јол на автобускиот терминал во Сеул, Јужна Кореја, на 3 декември, 2024 година

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол денес прогласи воена состојба ветувајќи дека ќе ги елиминира „антидржавните“ сили додека се бори против опозицијата која го контролира Парламентот на земјата, и која тој ја обвинува дека сочувствува со комунистичка Северна Кореја.

Изненадувачкиот потег се навраќа на ерата на авторитарни лидери што земјата ја нема видено од 1980-тите, и веднаш беше осуден од опозицијата и од лидерот на самата конзервативна партија на Јун.

По најавата на Јун, војската на Јужна Кореја објави дека Парламентот и другите политички собири кои би можеле да предизвикаат „општествена конфузија“ ќе бидат суспендирани, според новинската агенција финансирана од владата.

Војската, исто така, соопшти дека лекарите кои штрајкуваат во земјата треба да се вратат на работа во рок од 48 часа, објави агенцијата.

Илјадници лекари штрајкуваат со месеци поради владините планови да го зголеми бројот на студенти на медицинските факултети.

Веднаш не беше јасно колку долго може да трае декларацијата за воена состојба на Јун.

Според јужнокорејскиот закон, воената состојба може да биде укината со мнозинство гласови во Парламентот, каде мнозинството го има опозициската Демократска партија.

Лидерот на конзервативната Партија за народна моќ на Јун, Хан Донг-хон, ја нарече одлуката за воведување воена состојба „погрешна“ и вети дека „ќе ја стопира со народот“.

Опозицискиот лидер Ли Џае-мјунг, кој тесно загуби од Јун на претседателските избори во 2022 година, ја нарече најавата на Јун „незаконска и неуставна“.

Јун за време на телевизискиот говор рече дека воената состојба ќе помогне да се „обнови и заштити“ земјата од „да падне во длабочините на националната пропаст“.

Тој рече дека ќе ги искорени силите кои се наклонети кон Северна Кореја и оти ќе го заштити уставниот демократски поредок.

„Ќе ги елиминирам антидржавните сили што е можно побрзо и ќе ја нормализирам земјата“, рече тој, истовремено барајќи од народот да верува во него и да толерира „некои непријатности“.

Јун - чиј рејтинг на одобрување е намален во последниве месеци - се бореше да ја истурка својата агенда против Парламентот контролиран од опозицијата откако ја презеде функцијата во 2022 година.

Партијата на Јун е заглавена во ќорсокак со либералната опозиција во врска со нацрт-законот за буџетот за следната година.

Опозицијата, исто така, се обидува да донесе предлози за отповикување на тројца највисоки обвинители, вклучувајќи го и шефот на Централното окружно обвинителство во Сеул, во она што конзервативците го нарекоа одмазда против нивните криминални истраги за Ли, кој се сметаше за фаворит за следните претседателски избори во 2027 година според анкетите.

Јун, исто така, ги отфрли повиците за независни истраги за скандалите во кои се вмешани неговата сопруга и највисоките функционери, привлекувајќи брзи, силни прекори од неговите политички ривали.

Демократската партија, наводно, свика итен состанок на своите пратеници по најавата на Јун.

Потегот на Јун е прва декларација за воена состојба по демократизацијата на земјата во 1987 година.

Последната претходна воена состојба во земјата беше во октомври 1979 година.

XS
SM
MD
LG