Линкови за пристапност

Сè уште нема субвенции за електрични и за хибридни возила за македонските граѓани


Токму немањето субвенции, но и недоволната инфраструктура се дел од причините поради кои македонските граѓани сè уште тешко се одлучуваат да набават електричен автомобил
Токму немањето субвенции, но и недоволната инфраструктура се дел од причините поради кои македонските граѓани сè уште тешко се одлучуваат да набават електричен автомобил

Во соседството и во повеќе европски земји постојат поволности и бројни парични ослободувања за оние што ќе се решат да купат електричен автомобил. Според познавачите, тие возила се повеќекратно поевтини за возење и за одржување, како и поеколошки од конвенционалните автомобили

Македонските граѓани сè уште немаат можности за субвенции за електрични или хибридни возила. Во буџетот за оваа година не е предвидена директна парична поддршка за набавка на возилата што користат поевтин и поеколошки погон, иако тоа беше ветувано во неколку наврати. Не се предвидени субвенции ниту за вградување плински уреди во возилата.

Од министерството за Економија, од каде ги даваат предлозите за субвенционирање, ни рекоа дека тоа го иницирале до министерството за финансии. Но, предлогот не поминал.

„Министерството за економија, во предлог Буџетот за 2023 година, даде предлог за субвенционирање, но надлежното министерство, Министерството за финансии, не го препозна како приоритет во проекциите на субвенции земајќи ја во предвид сегашната состојба на криза“, се вели во дел од одговорот од министерството.

За споредба, во соседна Србија граѓаните што ќе се решат да набават електрично возило или возило на хибриден погон, имаат можност за субвенции во износ од 2.500 до 5.000 евра. Слични се износите што и во другите балкански земји се доделуваат при купување возило на еколошки погон.

Токму немањето субвенции, но и недоволната инфраструктура, високите цени, старите навики, како и недоволните познавања за економската исплатливост се дел од причините поради кои македонските граѓани сè уште тешко се одлучуваат да набават електричен автомобил. Така објаснуваат познавачите на состојбите кои на македонскиот пазар нудат возила на електричен погон.

Според искуството на бренд менаџерот за Фолксваген, Александар Цветковски од „Порше Македонија“ интересот кај македонскиот граѓанин за електрични возила расте бавно, но стабилно.

„Бројот на заинтересирани клиенти сè уште е мал, но тоа овозможува во нашите актуелни услови да воспоставиме еден здрав раст и на понудата, и на пласманот на овие продукти“, вели Цветковски.

Од „Олимпија моторс аутлет“, кои на македонскиот пазар носат и половни електрични возила, додаваат дека засега цената на чинење ги двоуми македонските возачи.

„Самата технологија кај електричната возила е скапа, па од таму и тие возила се поскапи во однос на ниската куповна моќ на македонските граѓани. Затоа неминовно е да се вклучи државата во одредени критериуми, придобивки, како субвенционирање , одредени ниски каматни стапки, даночни олеснувања, за да се зголеми интересот за електричните возила“, вели Славчо Матески, менаџер партнер во „Олимпија моторс аутлет“.

Трошокот на употреба на електричните автомобили е меѓу 6 до 8 пати поевтин во споредба со возило со мотор на внатрешно согорување
Александар Цветковски, Бренд менаџер за Volkswagen

Друга круцијален предизвик се станиците за полнење на батериите на тие автомобили. Во земјава засега има педесетина такви локации, а од нив само две се опремени со таканаречени брзи полначи. Повеќето ги поставила ЕВН и единствената поволност е што полнењето таму засега е бесплатно.

Во кругот на „Порше Македонија“ има полначи и им се достапни на корисниците.

„Реален предизвик е инфраструктурата за полнење, којашто не може да биде доволно распространета, раширена и достапна. Не дека ја нема кај нас. Но, за омасовување на овој тип возила треба да е барем пет до осум пати пораспространета, ако не и повеќе“, укажува Цветковски.

Задолжително да се воведат повеќе брзи полначи коишто ќе бидат распоредени надвор од Скопје на 100 до 200 километри
Славчо Матески, Олимпиа моторс аутлет

Во „Олимпија моторс“ исто така имаат полначи. Посочуваат дека тоа е клучниот сегмент за популаризација на електричните возила.

„Тоа што сметам дека е потребно, е задолжително да се воведат повеќе ДЦ или брзи полначи. Не повеќе од 5-6 во моментов коишто ќе бидат распоредени надвор од Скопје на 100 до 200 километри“, посочува Матески.

Но, и покрај предизвиците со кои би се соочил македонскиот сопственик на електричен автомобил, познавачите посочуваат дека има многу технички предности, како и поголема економска исплатливост во поседувањето такво возило.

„Искуството е апсолутно супериорно. Речиси целосно е отсуството на вибрациите, на бучавата при возењето, моментално е достапна која било моќност во кое било време, во која било брзина на возењето. Трошокот на употреба на електричните автомобили, според направените пресметки се движи во сооднос меѓу 6 до 8 пати поевтин во споредба со возило со мотор на внатрешно согорување. И, околу три до четири пати помали трошоци за одржување во еден животен циклус од да речеме пет години и 150.000 изминати километри“, вели Цветковски.

Економичноста особено се изразува во ниските трошоци за одржување.

За 100 километри се потребни 100 денари со сегашните цени на струјата

„Бенефитот од електричните возила е тоа што се возат евтино. Имаме направено една кратка математика. За 100 километри се потребни 100 денари со сегашните цени на струјата. Од друга страна, исто голема придобивка е што електричните возила немаат потреба од одржување и сервисирање. Сè што е потребно е само да се сменат гуми, бришачи и течности за возилото. Нема никакви ремени, никакви вентили, масла и се еколошки незагадливи“, посочува Матески.

Придонесот кон почист амбиентален воздух е уште еден од бенефитите што познавачите го посочуваат за овие возила. Според истражувањата на универзитетската лабораторија „Амбикон“, сообраќајот е вториот по ред загадувач на воздухот во Скопје.

Придонес за тоа имаат и големиот број половни возила што се увезуваат во земјава. Според податоците од Царинската управа, лани биле увезени вкупно 32.171 патничко возило. Од нив 8.790 биле нови, а 23.381 биле веќе употребувани автомобили.

Лани биле увезени вкупно 32.171 патничко возило. Од нив 8.790 биле нови, а 23.381 биле веќе употребувани

Од увезените, на електричен погон биле 81 возило, од кои 38 се нови, а 43 се половни. Бројката на увезени возила со хибриден погон е нешто поголема и изнесува 524 автомобили. Од нив, 476 се нови, а половни се само 48 возила.

Според статистиките, и натаму преовладуваат конвенционалните патнички возила. Со мотор на внатрешно согорување лани биле увезени 31.566 автомобили. Тоа посочува дека повеќе од 98 проценти од увезените возила во 2022 година не биле во групата на таканаречени, еколошки возила.

Познавачите очекуваат дека за петнаесетина години од сега, бројот на електрични возила во земјава значително ќе се зголеми.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG