Линкови за пристапност

За Денот на борба против маларијата СЗО со предупредување


ОН велат дека се потребни 5,5 милијарди долари годишно за борба против болеста

Светската здравствена организација (СЗО) се приклучи на повикот за запирање на повторното оживување на маларијата, кое претставува закана за напредокот постигнат во борбата со болеста последната деценија.

За да го одбележи Светскиот ден на маларија, СЗО врши притисок за итна акција и повеќе пари за да се добие глобалната борба против ова зло.

Долги години, Светскиот ден на маларија беше причина за прослава, но не и годинава. Податоците на СЗО покажуваат дека од 2016-та година напредокот е заглавен и надежите за ставање крај на глобалната епидемија до 2030-та година полека пропаѓаат.

Директорот на Програмата за глобална борба против маларијата при СЗО, Педро Алонсо, вели дека некои од придобивките, како намалувањето на бројот на заболени и смртни случаи во светот исчезнуваат.

„Како последица на тоа, сега имаме околу 260 милиони случаи на маларија годишно, над 440.000 смртни случаи годишно. Историјата јасно ни покажува дека кога престануваме да напредуваме, одиме наназад. Маларијата се враќа како одмазда“.

Околу 90 проценти од сите случаи на маларија и смртни случаи се случуваат во субсахарска Африка. Децата на возраст под пет години, бремени жени и пациенти со ХИВ-СИДА се во најризичната група.

Алонсо вели дека мора да се обнови глобалната политика, а донаторите и погодените земји мора да ги зголемат средствата потребни за успешно справување со маларијата.

Проблемот со повторното враќање на маларијата се појави на маргините на самитот на Комонвелтот во Лондон, кога ко-основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, кој инвестираше милијарди долари во борбата против болеста, вети уште една милијарда долари.

СЗО проценува дека годишно се потребни околу 5,5 милијарди долари за успешна борба, сепак само половина од таа сума е обезбедена.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG