Линкови за пристапност

Првиот човек на ОН вели дека ќе помогне, Груевски подготвен да продолжи со преговорите


Подготвеноста на генералниот секретар Бан Ки-мун да се ангажира во спорот околу името ја поздравија и владејачките партии, и оние од опозицијата.

Заложбата дадена во Охрид, лично да се ангажира за да го забрза наоѓањето на решение во спорот околу името меѓу Македонија и Грција, генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун ја елаборираше и во обраќањето пред пратениците во Собранието.

„Вие имате цел да се приклучуте во ЕУ и НАТО и знам дека имате и пречка во оваа ваша цел. Императив е да се разреши прашањето на името. Јас сум посветен да помогнам, да олеснам во решавањето на ова прашање. Може да сметате на ОН и во исто време ќе ги охрабрам премиерот, претседателот на државата и претседателот на Собранието да бидат обединети и посветени на негово решавање“, рече првиот човек на Светската организација.

Во владиното соопштение за средбата на Ки-мун со премиерот Никола Груевски, пак, се наведува дека тие разговарале за „прогресот на Република Македонија и за спроведените реформи во областите од значење за земјата“, како и дека “генералниот секретар изрази позитивна оценка за напредокот на Република Македонија и го поздрави и вреднуваше постигнатиот прогрес на земјата“. Во сооштението стои и дека Груевски искажал „подготвеност за продолжување на динамизирани разговори со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот со Грција.

Подготвеноста на Ки-мун да се ангажира во спорот околу името ја поздравија и владејачките партии, и оние од опозицијата.

За Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, посетата е јавен притисок врз Грција. За Талат Џафери од ДУИ, таа е заложба на Ки-мун да ги интензивира контактите меѓу двете страни. Јани Макрадули од СДСМ смета дека заложбата на генералниот секретар е од исклучително значење за забрзување на процесот на изнаоѓање на решение.

Посредникот Метју Нимиц, кој го придружуваше Ки-мун и имаше средби со државното раководство, по нив кусо изјави дека разговорите биле конструктивни и дека ќе ја пренесе пораката од Скопје на грчкиот преговарач Адамантиос Василаксис, со кого попладнево ќе разговара во Солун.
XS
SM
MD
LG