Линкови за пристапност

Бан Ки-Мун вети дека ќе се заложи за решавање на спорот за името


„Се работи за долготраен проблем. Свесни за пресудата на Меѓународниот суд на правдата, ќе ги земеме предвид сите аспекти“, рече првиот човек на ОН во Охрид.

„Ќе вложиме максимални напори да разговараме со грчките власти. Веднаш по посетата, ќе го испратам својот специјален претставник Метју Нимиц во Грција за да објасни што разговаравме овде. Јас лично ќе се обидам да го исконтактирам премиерот Самарас за да помогнам во забрзувањето на тој процес“.

Со ваква порака замина од Охрид генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, по средбата со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

„Жално е што две соседни земји не успеаја целосно да ги искористат своите потенцијали за регионална соработка, помирување и развој. ОН ќе сторат се што е во нивна моќ да го олеснат тој процес. Се работи за долготраен проблем. Свесни за пресудата на Меѓународниот суд на правдата, ќе ги земеме предвид сите аспекти“, рече Бан Ки-мун.

Според македонскиот претседател, со оваа посета генералниот секретар и ОН уште еднаш ја потврдуваат посветеноста кон регионот.

„Јасно дадов до знаење со аргументи и факти дека во овие изминатите 20 години Република Македонија докажа дека е фактор за стабилноста на регионот, а не е закана за безбедноста и мирот како што некои сакаа да не` обвинуваат во минатото и сега. Делата што се зад нас ги демантираат сите апсурдни обвинувања за недобрососедство, за некакви територијали претензии. Бевме консктруктивни и одговорни кон сите наши соседи, иницијативни во регионалната соработка и доследни кон сите меѓународно преземени обврски“, рече Иванов.

Според шефот на македонската држава, на средбата се разговарало и за тоа дека не треба да има злоупотреба на билатералните спорови, туку нивно решавање во согласност со меѓународните договори и доброволно прифатените обврски.

„Побарав од генералниот секретар и медијаторот Нимиц да обезбедат почитување на резолуциите на ОН и да се погрижат разговорите за името да се движат во веќе утврдената рамка која постои со резолуците на ОН и времената спогодба. Тоа е предуслов да дојдеме до заемно прифатливо решение. Секое излегување од оваа рамка само ќе не оддалечува од решението. Република Македонија инсистира на почитување на пресудата од Хаг и преземните обврски од стана на Грција со времената спогодна од 1995 година“, изјави Иванов.

Тој рече и дека македонскиот јазик и идентитет се реалност и неоспорен факт и дека Македонија нема да прифати тие да бидат предмет на ниту едни разговори и преговори.

Бан Ки-мун за време на посетата на Охрид ги посети Плаошник, Галеријата на икони, како и црквите „Света Богородица Перивлепта“ и „Света Софија“, а доби подарок од неговиот македонски домаќин Иванов, резба со историски мотиви.
XS
SM
MD
LG